Нови жртви во Нагорно Карабах и соборени летала

Продолжуваат воените операции долж линијата на контакт во Нагорно Карабах, каде што противвоздушните системи на ерменските сили собориле авион и беспилотно летало на азербејџанското воено воздухопловство.

Како што изјави портпаролот на ерменското Министерство за одбрана, Шушан Степанјан, противвоздушните системи собориле „непријателски авион и беспилотно летало“ околу 7.55 часот.

-Обидите на непријателот да ја пробие линијата на фронтот во неколку насоки пропаднаа – изјави Степанјан.

Од друга страна, азербејџанското Министерство за одбрана објави дека нивната армија успеала да преземе контрола над голем број стратешки височини. Од Министерството потврдуваат дека воените операции во конфликтната зона во Нагорно Карабах продолжиле утрово и во текот на ноќта.

-Од полноќ до седум часот наутро беа уништени пет ерменски единици, оклопни и автомобилски возила, како и три воени инфраструктури и значителен број непријателски персонал – се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека од ерменска страна е извршено артилериско гранатирање на населените заедници во областа Агдам, што граничи со спорниот регион Нагорно-Карабах.

-Во овој момент ерменската страна спроведува концентриран артилериски оган врз селото Агдам. Меѓу цивилите има повредени и жртви – изјавија од Министерството.

Судирите во регионот Нагорно Карабах траат веќе шест ден меѓу ерменските и азербејџанските армии, а цивилните жртви се потврдени од обете страни.