ФОТО: Нови злоупотреби на службени возила од функционери во МВР

По скандалот на Лазе Велковски, сега веќе сменет директор на Бирото за јавна безбедност, а за кој беше откриена злоупотреба на службено луксузно возило во приватни цели, до редакцијата НетПрес пристигнаа документи од анонимен испраќач, во кои се откриваат нови злоупотреби од овој вид, исто од високи функционери во МВР.

Според документацијата која пристигна до нашата редакција, на 14 април, годинава, до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, до директорот на Управата за безбедност и контразузнување (УБК), Горан Николовски, и до Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР е доставена пријава за незаконско користење на службени возила од двајца високо позиционирани старешнини во УБК.

Имено, според документите, станува збор за помошник директорот на Одделот за организиран криминал, Сашо Дуровски, и началникот на Секторот за економси криминал, Перо Ужевски, чии службени возила биле фотографирани како наводно незаконски се користат за сопствени, семејни, приватни потреби.

Во документите што ги доби НетПрес, а коишто се поткрепени со фотографии и соодветна хронолошка фактологија, се забележува дека Ужевски со службено возило марка „шкода октавија“ бил забележан на следните локации:

На 12.6 2017, четврток, во 18.44 часот, Ново Лисиче, на бензиска станица.

15.11 2017, среда, 19.2 часот, иста локација

11.2.2018, недела 13.29 часот, иста локација

5.3 2018, понеделник, 22.38 часот, иста локација

7.3 . 2019, среда, 20,16 часот, иста локација

12.3.2018, понеделник, 17.58 часот, иста локација

4.4. 2018, среда, 19.34 часот, иста локација

6.4. 2018, петок, 9.28 часот, иста локација

10.4. 2018, недела кон понеделник, 00,24 часот, иста локација

Според анонимниот поднесок, за злоупотребите на службеното возило од Ужевски, знаел и неговиот претпоставен Сашо Дуровски, кој свесно не преземал ништо, иако било забележано незаконско користење на возилото за викенди, делници, празници, семејни патувања…

Во документот исто така се наведува дека пред 5-6  месеци, внатрешната контрола при МВР почнала постапка за злоупотреба на службените возила против овие две лица, но таа е стопирана, со знаење на директорот на УБК, Горан Николовски.

Помошникот директор на Одделот за организиран криминал, Сашо Дуровски, според анонимниот поднесок, службеното возило „фолксваген пасат“ со регистарски ознаки SK-453-SM, на 30.3.2018 година, во 22.15 часот било забележано во дворот на неговата семејна куќа во Гостивар.

Се наведуваат бројни сведоштва на злоупотреби на службеното возило од страна на Дуровски, кој речиси секојдневно и секој викенд доаѓал со тој автомобил во семејната куќа во Гостивар.

Во документот се обвинува Дуровски дека ги присилувал колегите во негово име да потпишуваат патни налози, а како награда за колегите кои ќе стават потпис во негово име, им потпишувал прекувремени работи часови, за што се повикува внатрешната контрола го истражи до крај ова незаконие.

Дуровски станува помошник директор на Одделот за организиран криминал при УБК со доаѓањето на СДСМ на власт. Против него се водени три дисциплински постапки.

Во врска со ова НетПрес писмено достави прашање до МВР, дали се води постапка за злоупотреба на службени возила по анонимната претставка испратена до нив, и кој е исходот на процедурата? Добивме одговор кој ви го пренесуваме во целост:

Oд извршените проверки утврдено е дека помошник директорот користи возило според Правилникот и наредбата за распределба, користење, одржување и обновување на возилата на Министерството за внатрешни работи и има право на 24 часовно користење на службеното возило. Останатите вработени во министерството, службените возила ги користат со претходно изготвен налог за користење на возило.