Новинар на американски WSJ уапсен во Русија осомничен за шпионажа

Руската служба за внатрешна безбедност Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти во четвртокот дека во градот Екатеринбург го уапсила дописникот на американскиот дневен весник The Wall Street Journal, Еван Гершакович под сомневање за шпионажа.

„Пресечени се нелегалните активности на американскиот државјанин Гершкович Еван, роден во 1991 година, дописник на московското биро на американскиот весник The Wall Street Journal, акредитиран во руското Министерство за надворешни работи, кој е осомничен за шпионирање во интерес на американската влада“, се вели во соопштението на ФСБ коешто го цитираат руските медиуми.

Според тврдењето во објавата на руската безбедносна агенција, новинарот бил приведен „при обид да дојде до доверливи информации“. Се додава дека Гершакович „по инструкции од САД“ собирал материјали класифицирани како државна тајна „за активностите на едно претпријатие од рускиот воено-индустриски комплекс“.

Агенцијата Reuters наведува дека засега од весникот за кој работел приведениот американски новинар не го коментирале случајот. Британската агенција, исто така, забележува дека во соопштението на руското ФСБ не биле наведени „никакви доказ“, што всушност е и вообичаена практика за вакви објави, а што е обврска на обвинителството.

Според достапните податоци за Гершакович на сајтот на WSJ, тој работел на теми поврзани со Русија, Украина и земјите од поранешниот СССР. Претходно работел за француската новинска агенција AFP и за американските изданија The New York Times и The Moscow Times.