Новинарката на забранетиот ТВ канал „Дожд“, Наталија Синдеева, прогласена за странски агент во Русија

Во најновата акција на руските власти против цивилното општество, Наталија Синдеева, водителка во независниот телевизиски канал „Дожд“, е прогласена за странски агент, заедно со уште двајца нејзини колеги новинари.

Француските медиуми пренесуваат дека имињата на Наталија Синдеева, Владимир Роменски и Екатерина Котрикаџа се појавија на најновата листа на „странски агенти“ на руското Министерство за правда.

Тие се додадени на списокот „поради нивните политички активности“, соопшти руското Министерство.

ТВ „Дожд“ беше отворена во 2008 година и ја следеше руската опозиција и протестни движења, а минатата година и овој Тв канал беше означен за „странска агентура“.

Сите големи независни медиуми во Русија, вклучително и радио станицата „Ехо на Москва“ и ТВ „Дожд“, се затворени или го прекинаа своето работење во земјата.

Телевизијата „Дожд“ го заврши своето дејствување и го прекина емитувањето од Русија со емотивна емисија уште на 3 март, на помалку од две недели по руската инвазија врз Украина, а од 18 јуни продолжи да емитува програма од студио во соседна Летонија.