Новинарот и уредник во МРТ Душко Арсовски е нов портпарол на Владата

Новинарот и уредник Душко Арсовски е именуван за нов портпарол на Владата, соопштија од владината прес-служба.

Тој е назначен на денешната владина седница, а покрај него портпарол останува и Муамед Хоџа.

Арсовски е новинар со дводецениско работно искуство, а на јавноста ѝ е познат лице од Македонската радио-телевизија (МРТ), каде што од 2012 работи како уредник на надворешна политика, на централниот „Дневник“, а во еден период и заменик главен уредник на информативната програма.

„Претходно работел како новинар/продуцент и шеф на дописништвото на Би-би-си на македонски во Скопје. Две години бил уредник и водител на вестите на ТВ Алфа како дел од тимот којшто ја основаше телевизијата. Кариерата ја започнал во Македонското радио, во програмата за деца, во 1998 година. Подоцна преминал во скопската телевизија Скај нет и во Македонската телевизија каде што работел како новинар за надворешна политика, а подоцна и уредник на Дневникот“, соопштија од Владата.

Според биографијата што ја објавија оттаму, Арсовски завршил новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2001, а во 2017 година станал магистер на „Меѓународни односи – разрешување конфликти“ на Филозофскиот факултет при УКИМ.

Во академската 2003/2004 година бил на стручно доусовршување, во областа на новинарството на Државниот универзитет на Ново Мексико, САД, со стипендија од Стејт департментот.

Добитник е на наградата на Делегацијата на Европската Унија во Македонија – „Прашање на годината“ во 2005 година, за известувањето од ЕУ самитот во Брисел на кој Република Македонија доби статус земја – кандидат за членство во Унијата.

Во 2006 година добил сертификат од Делегацијата на ЕУ во Македонија за „Специјални достигнувања во известување за прашања поврзани со ЕУ“.

Од 2006 до 2010 година бил член на Извршниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија.

Душко Арсовски е роден во 1977 година во Куманово. Активно зборува англиски, бугарски и српски јазик и со основно познавање на грчки и на шпански јазик.