Македонски Телеком и Т-Мобиле воведе новини во работењето за да ја подобри корисничката поддршка.
Како што информираат од компанијата, една од новините е услугата Самопомош, која на корисникот му овозможува самиот да направи проверка на потрошен интернет сообраќај или да добие повратна информација по смс дали проблемите со некои од сервисите (интернет, говор и ТВ) се предизвикани од исклучување на претплатничка линија заради неподмирен долг или постојат одредени технички пречки.
Проверката се прави со јавување од мобилен телефон во Контакт центарот на 122, при што корисникот ја избира опцијата 3 за Техничка поддршка, а потоа од менито одбира 1 за услугата Самопомош. Откако ќе ја избере услугата Самопомош, корисникот добива 4 опции:
– Опција 1 за проблем со говор. Корисникот добива информација по смс дали е исклучен поради неплатена сметка, која е висината на долгот и дали има активирано некоја забрана.
– Опција 2 за проблем со интернет. Корисникот добива информација по смс дали брзината е намалена поради надминат интернет сообраќај вклучен во пакетот, дали е исклучен поради неплатени сметки и која е висината на долгот.
– Опција 3 за проблеми со сите сервиси (говор, интернет и ТВ). Корисникот добива информација по смс дали е исклучен поради неплатени сметки, заедно со висината на долгот.
– Опција 4 која е само за проверка на потрошен интернет сообраќај во тековниот месец.
Освен услугата Самопомош, како дел од опцијата за техничка поддршка со јавување на телефонскиот број 122, воведена е и нова услуга самопомош преку интернет. Услугата e-Care на корисниците им обезбедува совети и упатства на интернет за бројни прашања од фиксната и мобилната телефонија. Преку e-Care услугата, корисниците можат сами дома да сетираат рутер за интернет, ресивер за 3Max или пак да сетираат мобилен телефон, следејќи ги упатствата на https://ecare.telekom.mk, без при тоа да бараат помош или поддршка од оператор од Контакт центарот.
Со услугата Самопомош, која функционира со јавување од мобилен телефон на 122 ќе се намали бројот на јавувања во Контакт центарот и ќе се избегне долгото чекање за разговор со оператор. Од друга страна пак, со воведувањето на услугата e-Care корисниците на Македонски Телеком ќе ги добијат потребните информации, совети или упатства на брз и едноставен начин, при тоа заштедувајќи драгоцено време.