Новиот директор на МКЦ ги сменил бравите во сметководството и во архивата

Новоименуваниот в.д директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), дипломираниот детектив, Никола Алексов, ги сменил бравите од сметководството и архивата во објектот, потврди, Маргарита Арсова, програмски уредник во МКЦ.

-Ова кај нас вработените создава и сомнеж и несигурност. Зошто би се менувале бравите? За да влезат вработените затвора и отвара тој и тоа ќе трае додека трае ревизијата на работењето од градот, според она како што биле известени вработените – вели Арсова.

Алексов, без никакво професионално искуство во културата, беше именуван на директорската функција неколку дена по неговото вработување во МКЦ, откако не му беше продолжен мандатот на дотогашниот в.д директор Ванчо Богоев.

Програмскиот колегиум на МКЦ реагираше дека Младинскиот културен центар повторно е на мета на партиските игри. Оттаму ја оспоруваат и легитимноста на назначувањето на Алексов за в.д директор бидејки, како што објаснуваат, не е од редот на вработените на институцијата туку е вработен во агенција за привремени вработувања.

МКЦ е повторно на мета на партиски игри, ќе го води детектив, зашто Богоев одбил да го вработи Шаќири, реагира Програмскиот колегиум

Да се врати буџетот на Младинскиот културен центар (МКЦ) на истото ниво на кое до сега бил финансиран со години наназад и да се спроведе фер и коректен конкурс за избор на директор, на кој ќе се избере најквалитетниот професионален профил кој ќе се пријави на истиот бара неформалното движење „Сите за МКЦ“, организирано од здружението „Гола Планина колектив“. Оттаму подготвиле петиција која може да ја потпишат подржувачите на барањата.

„Сите за МКЦ“ со петиција за враќање на буџетот и фер избор на директор

Во неделата ентузијасти и љубители на независната култура се собраа на платото пред Младинскиот културен центар во знак на протест против политизирањето на културната установа. „МКЦ не е партиска цицка“ и „Културата е скапа! Некултурата поскапа!“, гласеа дел од паролите истакнати на протестот.

Новоименуваниот директор телефонски го побаравме за изјава за случувањата во МКЦ. Штом ќе добиеме одговор веднаш ќе го пренесеме.