Новиот шеф на Пентагон сака да ги успокои сојузниците во НАТО

Новиот челник на американското министерство за одбрана, Марк Еспер настојуваше во средата да ги успокои сојузниците во НАТО загрижени поради честото менување на соговорникот по заминувањето на Џим Матис кого во декември го разреши од должноста претседателот Доналд Трамп кој европските партнери не ги поштедува од директни критики.

„Имав желба да дојдам (да учествувам на состанокот на министрите за одбрана на НАТО) и да кажам дека моето именување на ниеден начин нема да влијае на задачата, на приоритетите, ниту на обврските на САД кон Алијансата“, рече Еспер по доаѓањето во седиштетот на НАТО каде што го прими генералниот секретар на сојузот, Јенс Столтенберг.

Педест и петгодишниот Марк Томас Еспер, воен ветеран како и Џим Матис, потсети дека служел во Италија, каде што учествувал на многу вежби на НАТО, по што се вратил во Пентагон каде што беше еден од замениците на привремениот министер за одбрана на САД, Патрик Шанахан, и се занимаваше со соработката со Алијансата. Еспер потсети и дека учестувавал во операциите во првата ирачка војна во 1991 година.

Разрешувањето на Џим Матис кој се разидуваше во ставовите со претседателот Доналд Трамп, ги загрижи американските сојузници и менувањето на личностите на водечката позиција во Пентагон не ги примири во атмсофера на честите критики кои американскиот челник ги упатува на адреса на партнерите во НАТО, особено на оние од Европа.

Така, Трамп во средата повторно ја обвини Германија дека е „неверодостоен“ партнер и оти малку плаќа, неколку часа пред да замине на самитот на челниците на земјите од Г20 во јапонска Осака, каде меѓу другите средби, ќе се сретне и со германската канцеларка Ангела Меркел.

„Германија ѝ плаќа на Русија милијарди и милијарди долари за енергија, а ние покрај тоа би требало и да ја браниме Германија“, остро повтори Трамп во интервјуто за каналот Fox Business, кој слични обвинувања изнесе и на минатиот самот на НАТО во јули 2018 година.

Американскиот претседател го прекорува Берлин поради изградбата на новиот руски гасовод Северен тек 2, со кој ќе се удвои испораката на руски природен гас. Покрај тоа, САД имаат несогласувања со Германија и по прашањето на ангажирањето на кинескиот концерн „Huawei“ во изградбата на мобилната мрежа од новото поколение 5G. Оваа компанија Вашингтон ја смета за опасна по американската национална безбедност, односно дека наводно нејзината технологија може да биде користена за шпионажа во полза на владата во Пекинг.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во средата се обиде да ги смири духовите, пофалувајќи го зголемувањето на воените буџети на европските сојуници, што исто така беше често критикувано од Трамп.

„Зголемувањето на буџетот за одбрана е неопходно во тешките геополитички состојби, но секој мора да има можност за напредување со свој ритам. Не треба да се делат сојузниците во врска со ова прашање“, истакнал за AFP претставник на една неименувана „голема земја“.

Дискусијата за воените расходи е предвидена за четврток, вториот ден од министерскиот состанок во Брисел.

Марк Еспер во средата се сретна и со турскиот голега Хулуси Акар и повторно го предупредил дека Турција не смее да го купи рускиот противвоздушен ракетен систем „С-400“. Челникот на Пентагон повтори дека турското купување на рускиот систем е неспоив со програмата „F-35“ и дека на Турција нема да ѝ биде дозволено да ги поседува и двата система, порача портпаролот на Пентагон, Џонатан Хофман. САД ѝ одредија рок на Анкара до 31-ви јули да се откаже од испораката на рускиот систем.

Но турксиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во понеделникот порача дека „Без оглед каква одлука за санкции ќе донесат САД, без оглед која изјава ќе дојде од нивна страна, ние веќе ги купивме С-400. Сега зборуваме за тоа кога С-400 ќе бидат испорачани во Турција. Не е можно да се откажеме од купувањето на С-400“, посочи тој. Потсетувајќи на неодамнешните чекори на САД за отстранување на Турција од програмата за ловците „F-35“, Чавушоглу рече дека двете прашања немаат врска едно со друго и дека другите партнери во програмата „F-35“ не ги поддржуваат чекорите на САД.

Турција е една од деветте нации предводени од САД што го реализираат проектот „Заеднички ловец„ заедно со Обединетото Кралство, Италија, Канада, Австралија, Холандија, Данска и Норвешка. Нејзиниот удел во развојот требаше да изнесува околу 11 милијарди долари. Од оваа сума Анкара во проектот веќе вложи околу 800 милиони долари, а во замена за тоа САД требаше да ѝ испорачат сто авиони, како и да бидат обучени 34 пилоти.