Новиот закон за семејно насилство нуди поефикасна заштита на жртвите

„Идејата со новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство е да ја унапредиме заштитата на други форми на родово базирано насилство, освен семејното насилство, но и да ги надминеме пречките и недостатоците кои се јавиле во спроведувањето на претходниот закон“, рече експертот Наташа Бошкова, на денешната презентација на овој Предлог закон на јавната дебата во Струмица.

Таа додаде дека овој закон е обврска по ратификацијата на Истанбулската конвенција, која поставува повисоки стандарди за заштита од повеќе видови на родово базирано насилство, вклучувајќи го и семејното.

-Конвенцијата бара во еден закон да имаме сублимирано и превентивни мерки и заштитни механизми во случај кога ќе се случи насилство, која институција е надлежна, што треба да направи на брз и фикасен начин со цел да се обезбеди и соодветна заштита на жртвите и на крај секако компензација или надомест на штетата на жртвите и реинтеграција на жртвите. Конвенцијата предвидува цела една палета на мерки и активности која државата треба со домашно законодавство да си ги уреди со цел да има ефикасна заштита“, додаде експертот Наташа Бошкова.

Дел од предлозите кои ги изнесоа граѓанските организации од Струмица се однесуваа на повеќе одредби од законот и конкретно на обврската на сите правни лица кои имаат вработено повеќе од десет лица да организираат обука за родово базирано насилство.

-Предлагам да се донесе подзаконски акт или нешто слично во кој ќе има сет од правила, на акти, кои што треба да ги спроведат за да биде јасно прецизирано, бидејќи така со закон тешко деке ќе биде спроведено, смета Ленче Христова од „Организација на жени Струмица“.

Денешната дебата во Струмица се одржа во организација на Министерството за труд и социјална политика и општина Струмица, а процесот на донесување на новиот закон се базира на стратешката определба за унапредување на еднаквите можности и недискриминација и превенција и заштита од секаков вид на насилство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.