Новите амбулантни возила чекаат документи, Филипче не знаел

Директорите на здравствените домови не можат да ги регистрираат шесте возила што ги доби Итната помош во Скопје и останатите шест што ги добија установите во Крушево, Кичево, Крива Паланка, Берово, Струга и во Дебар додека не им стасаат документите за тоа, пишува Факултети.мк.

Дванаесетте возила што пред повеќе од три недели ги добија службите на Итна медицинска помош (194) сè уште не се користат. Директорите на здравствените домови не можат да ги регистрираат шесте возила што ги доби Итната помош во Скопје и останатите шест што ги добија установите во Крушево, Кичево, Крива Паланка, Берово, Струга и во Дебар. Сите чекаат да стасаат документи со кои ќе може да ги регистрираат возилата, а потоа и опрема од Министерството за здравство.

Набавката на возилата беше преку Министерството за здравство, а потоа на владина седница им биле доделени на здравствените домови.

Набавените возила немаат медицинска опрема, но дефибрилатор, ЕКГ, респиратор, сет за имобилизација, носилка, чанта со медицински материјали… треба да се распределат од донација преку Министерството за здравство.

Владиниот портпарол Мухамед Хоџа објаснува дека во редовната процедура досега поминале на Влада одлуките за пренамена на возилата за сите градови освен за Дебар и за Крива Паланка. За нив, се очекува тоа да се случи во вторник.

– За шесте возила на Здравствен дом – Скопје документите се потпишани и испратени во Министерството за здравство. Оттаму треба да се испратат до установата. За оние што се за здравствените домови во Дебар и во Крива Паланка ќе се реши во вторник, а за останатите поминати на седница во тек е процесот за подготовка на документацијата – вели Хоџа.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ќе се ангажира да се забрза процедурата.

– Се работи за административни процедури. Не знаев дека сè уште не е завршена работата. Уште денес ќе се ангажирам да се забрза процедурата за да може што поскоро да се користат возилата – изјави Филипче.

Инаку, Филипче претходно изјави дека за оваа набавка Министерството имало испланирано 30 милиони и 500 илјади денари, но по спроведената електронска аукција, постигната е цена во вкупен износ од 18 милиони и 300 илјади денари, со што се заштедиле околу 12 милиони денари.

Според препораките на Светската здравствена организација, на 50.000 жители треба да има по едно возило на брза помош.