Новите „бомби“ дел од материјалот што го поседува СЈО, потврди Заев

Новите бомби кои од вчера се пуштаат на социјалните мрежи од профил со псевдоним „Илија Громовник“ се дел од прислушуваните телефонски разговори кои што Зоран Заев му ги предаде на Специјалното јавно обвинителство.

Заев денеска потврди дека разговорите кои се објавија биле меѓу материјалите кои тој ги поседувал пред да ги предаде на обвинителството.

„Знам дека пред недела, две, исто така, имаше  емитување на бомби што задираат и во приватноста и е поднесена соодветна кривична пријава од страна на Јавното обвинителство. Ако се повторуваат ваквите работи законот е јасен околу ова како постапуваат институциите. За мене е значајно институциите да постапуваат. Дали се тоа дел од разговорите, тоа што го имав слушнато, а ги немам слушнато сите разговори, малку ми стана и мачно после долго време, е од делот на пакетот што го предадов во СЈО“, изјави Заев денеска.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели ваквите појави денеска се последица на „реалното шоу“ што го правеше Заев во 2015 година со објавување на нелегално стекнати материјали. И го посочи премиерот Заев за одговорен за ваквите незаконски активности кои се повторуваат оттогаш до денес.

Кој ги злоупотребува овие материјали и ги објавува јавно ќе утврдуваат Министерството за внатрешни работи, а постапки ќе водат и Специјалното обвинителство и редовното Јавно обвинителството.

Четирите аудио сними се објавени од профил со псевдоним „Илија Громовник“, а од Основното Јавно Обвинителство во Скопје велат дека ќе испитаат се’ што е поврзано со вчерашното објавување.

Од СЈО, пак, најавуваат дека ќе ги анализираат содржините на овие материјали, но тврдат дека нема никакви шанси тие да протекле од кај нив.