Новите корона мерки во Србија на сила во вторник

Владата на Србија пропиша нови мерки, кои ќе бидат на сила од вторник наутро во следните десет дена, а прва од нив е скратување на работното време до 18 часот во ресторани, кафулиња, барови, клубови, кладилници и трговски центри, дознава Танјуг во владата.

Втората мерка е задолжителна и безусловна употреба на опрема за лична заштита, односно носење заштитна маска, во затворен простор, како и на отворено во оние ситуации каде што не можат да се избегнат меѓучовечки контакти.

Следува забрана за сите јавни собири со присуство на повеќе од 5 лица, во затворени простории и на отворено.

Владата, исто така, пропишува обезбедување работа од дома за сите вработени каде работен процес го дозволува тоа.

Воведена е мерка на строга контрола на обврската за носење заштитна маска во возилата со јавен превоз, со ограничување на максималниот број патници во возилото до половина од декларираниот капацитет на возилото.

Овие мерки се ограничени на период од 10 дена, по што ќе бидат преиспитани во светло на епидемиолошката состојба, објави пред малку Танјуг.