Новите пратеници утре на прва седница, изборот на спикер неизвесен

Вкупно 120 пратеници кои беа избрани на изборите на 15-ти јули утре за прв пат ќе седнат во собраниските клупи. Конститутивната седница е закажана за 12 часот, а ќе ја отвори и води претседателот на Собранието во заминување, Талат Џафери.

До последен момент беше извесно дали Џафери ќе успеа да присуствува на седницата. Но, денеска претпладне докторите му дале зелено светли под речиси две недели болничко лекување да ја напушти Инфективната клиника.

Од неговиот кабинет информираат дека и последните направени тестови биле негативни на коронавирусот и Џафери е во добро здравје и утре ќе седне на главното столче во салата под Голема купола.

Дневниот ред за утрешната седница предвидува четири точки. Првите две се верифицикација на мандатите на пратениците. Потоа треба да формира Комисија за прашања за избори и именувања. Последната, четврта, точка е избор на претседател на Собранието.

Но, многу веројатно е дека оваа точка нема да биде отворена бидејќи според сите информации од партиите засега нема договор за формирање на ново парламетнарно мнозинство. За изборот на собраниски спикер се потребни гласови од 61 пратеник.

Се очекува дека оваа точка ќе биде одложена, а изборот на прв човек на Собранието ќе се случи откако ќе биде постигнат договор за владина коалиција.

Иако, се дава извесна предност на СДСМ, кој што со коалиција „Можеме“ имаат најмногу пратеници, да ја формира новата влада сепак најголем дел од политичките аналитичари се уште ги оставаат сите опции за отворени и можни.

Според официјалните резултати од Државната изборна комисија, коалицијата „Можеме“ освои 46 пратенички мандати, коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ  има 44 пратеници, ДУИ освои 15 места во парламентот, Алијанса и Алтернатива – 12, а  Левица има две и ДПА со еден пратеник.