Новите вработувања и инвестициите дел од темите на средбата Груевски-Голдстејн

Зголемување на бројот на вработувањата, изградба и реконструкција на автопатите, гасификација, се само дел од темите на кои денеска разговараа Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и регионалниот директор на Светска банка за Југоисточна Европа, Елен Голдстејн.

На средбата, соговорниците се осврнаа на одбележувањето на 20 години од соработката и воспоставувањето на активен однос со Светската банка, при што од двете страни беше констатирано позитивното искуство и плодотворноста која се согледува во проектите кои се реализираат.

Груевски посочи дека во Светската банка гледаат добар партнер со кого во последните 8 години се работи на исполнување на крупни проекти од различни сфери кои се во функција на напредокот на економијата и унапредувањето на економските односи.

Премиерот разговараше и за изработката на новата стратегија на Светска банка, како и можноста за реализација на повеќе проекти кои би биле дел од оваа стратегија, за кои Владата е заинтересирана и работи за нивно остварување.

„Владата на Република Македонија е фокусирана кон реализација на значајни инфраструктурни проекти кои ќе го стимулираат развојот на економијата и ќе обезбедат дополнителен број на вработувања. Во таа насока се и проектот за реализација на новите автопатишта, изградба на железничката пруга кон Бугарија, процесот на гасификација на Република Македонија, како и повеќе други проекти од сферата на енергетиката, земјоделието и инвестирањето во системите за наводнување и изградбата на регионални патишта“, рече Груевски.

На средбата се разговараше и за остварувањето на економскиот раст, како и напорите кои ги прави Владата за да го помогне истиот, и да се одржи на високо ниво со цел да биде во функција на економскиот напредок и подобрување на стандардот на граѓаните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.