Новите жаришта во Кина и Јужна Кореја причина за загриженост ?

Новите жаришта на коронавирусот во Кина и Јужна Кореја се загрижувачки поради очигледната способност на вирусот да продолжи да се шири незабележано.

Иако бројката е далеку помала од оние што секојдневно се пријавуваат во Западна Европа и САД, враќањето на вирусот, особено во град со толку интензивен надзор и ограничувања како Вухан, ја доведува во прашање одржливоста на повторното отворање на градовите, коментира Си-Ен-Ен.

Кина и Јужна Кореја ја спречија епидемијата на коронавирус благодарение на мерките за физичко растојание и внимателен надзор, но како што животот постепено почна да се враќа во нормала во тие земји, се појавија нови жаришта на зараза.

Претседателот на Јужна Кореја, Нун Џае-ин, предупреди за втор бран на епидемијата, по порастот на бројот на нови случаи, поврзани со ноќните клубови во Сеул, кои ги посетувал маж во доцните 20-ти години, кој бил позитивен на вирусот.

И во Кина се воведени нови ограничувања, откако се појавија нови случаи на коронавирусот во два града.

Градот Шулан во североисточната провинција Јилин воведе мерки за затворање, откако беа потврдени 11 заразени лица.

Јилин се граничи со Русија и Северна Кореја, поради што во покраината и претходно имало загриженост за увезени случаи.

Уште позагрижувачки е фактот што во Вухан се појавија нови случаи, градот кој од крајот на минатиот месец почна да се враќа во релативно нормален живот по 76 дена изолација.

Градските власти денеска пријавија пет нови случаи, од кои сите се локално пренесени.

Може да излезе дека новите случаи се само капка во океанот и ќе бидат потиснати, но фактот што двете држави, кои, како што се чинеше, ја држат епидемијата под контрола, пријавуваат нови локални пренесувања, мора да биде причина за загриженост, наведува Си-Ен-Ен.