Ново македонско дерби Вардар – Металург во СЕХА лигата

Фото: seha-liga.com

Македонските екипи во СЕХА Газпром лигата во сабота вечер во Спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе одиграат нов натпревар од рамките на 10-то коло.

Вардар е актуелен шампион и лидер на табелата на СЕХА лигата со максимален учинок оваа сезона или со серија од 15 победи во ова натпреварување.

Кај „црвено-црните“ неизвесен е настапот на Илија Абутовиќ и на Игор Карачиќ, а тренерот на Вардар, Раул Гонзалез, очекува добар натпревар и многу гледачи на трибините.

За Металург, кој се наоѓа на седмото место на табелата со 9 бодови и од три победи, ова е дуел во кој може само да добие. Со мотивирана и цврста игра од првата минута ќе имаме шанса да ги изненадиме, истакна деновиве тренерот на Металург Александар Јовиќ.

Металург оваа година има победа од 29:26 над европскиот првак Вардар, во натпреварот од домашното првенство одигран на 2-ри април.

Вечерашниот натпревар има хуманитарен карактер, а средствата собрани од влезниците ќе бидат донирани за лекување на ученикот Борче Јовановски.

Почетокот на дуелот е во 20,45 часот.