Ново опожарување возила, во Ѓорче Петров изгореа два автомобила

архивска илустрација

Два автомобила се опожарени ноќта кон четвртокот во Скопје, на паркинг на улицата „Борис Сарафов“ во скопската населба Ѓорче Петров.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ноќеска околу еден часот по полноќ од засега непознати причини е опожарено и целосно изгорело патничко моторно возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на 38-годишниот Г.Т. од Скопје,  а делумно е опожарено и патничко моторно возило „даеву матиз“ со скопски регистерски ознаки, сопственост на 35-годишниот Н.С. од Скопје, коешто било паркирано до „опел-от“.

Од страна на екипа од Противпожарна единица пожарот е изгаснат, а увид ќе се врши во текот на денот и засега нема информации за тоа што е причината за избувнување на пожарот.

Точно пред една седмица три автомобила беа опожарени во скопската населба Аеродром, на истата улица каде што пред две седмици беше убиен младиот Мартин Јанушев.

Според информацијата на МВР, вчера во околу 21.56 часот на улицата „23-ти Октомври“, од засега непознати причини, опожарени биле возилата „фолксваген шаран“, сопственост на А.Б. (33), „пежо 308“, сопственост на А.Н. и „форд фиеста“, сопственост на А.Ј. (76).

На 5-ти август годинава, пак, четири автомобили беа опожарени во една ноќ во Скопје. Имено во раните утрински часови скопската полиција примила информации за четири опожарени автомобили на разни локаци низ градот, а министерството за внатрешни работи информираше дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на причините кои довеле до опожарување.

Конкретно, во 4,24 часот било пријавено дека на скопската улица „Јани Лукровски“, на паркинг простор, од засега непознати причини, опожарено било автомобил „ауди А3“ со кривопаланечки регистарски ознаки, во сопственот на 24-годишниот Т.Т. од селото Конопница и патничкото возило „даеву ланос“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на 45-годишниот И.Н. од Скопје.

Дваестина минути подоцна во Единицата за известување и команда – Скопје се јавил С.Н. и пријавил дека во Скопје на улицата „Букурешка“ горело неговото патничко моторно возило „ауди А6“ со скопски регистарски ознаки.

Десет минути подоцна, во 4,57 часот во Единицата за известување и команда повторно се јавил С.Н. и пријавил дека пред ресторан во скопската населба Карпош горело патничко моторно возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки сопственост на 33-годишниот Ј.Ј. од Скопје.