Ново повеќенаменско спортско игралиште во Новаци

Повеќенаменско спортско игралиште денеска беше пуштено во употреба во училиштето „Славко Лумбарковски“ во битолското село Новаци.

Игралиштето го пушти во употреба премиерот, Никола Груевски во придружба на заменик министерот за образование и наука,Спиро Ристовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котески.

Премиерот Груевски нагласи дека новото повеќенаменско спортско игралиште ќе донесе нови спортски радости затоа што тука се создадени одлични услови за играње фудбал, ракомет, кошарка, а по желба и други спортови.

–  Покрај оваа инвестиција веднаш до ова игралиште ја градиме и новата фискултурна сала кои од корен ќе ги изменат условите во кои растат и се образуваат малдите од Новаци. Овие два спортски објекти ќе имаат посебно значење за условите во кои се одржуваат часовите по физичко образование и секако за правилен раст и развој на децата. Тоа е и нашата основна цел со овие инвестиции,  развивање на здрави животни навики, спортување, градење на тимски дух кај младите и секако поддршка на спортот во сите делови на нашата земја, истакна премиерот Груевски, пренесува МИА.

На средбата со граѓаните од општина Новаци претседателот на македонската Влада потсети дека со помош на Владата минатата учебна година во функција беше ставено новоизградено монтажно училиште  во селото Далбеговци. Во општината се инвестирани средства за изградба и асфалтирање на околу 18 километри патишта, како и други проекти.

– Помогнавме за многу проекти, одобривме средства за системот за наводнување преку реката Црна, поддршка за искористување на топлата вода од РЕК Битола и ќе продолжиме со вложувања во проекти за нови вработувања, рече Груевски.

Македонскиот премиер престојуваше и во Битола каде го посети реконструираното училиште „Коле Камински“.