Ново ракетирање на Триполи и нови цивилни жртви

Повеќе десетици проектили паднале врз Триполи при што загинале најмалку четири цивили и тешко го оштетиле аеродромот во поранешната либиска престолнина каде што е седиштетот на Владата на националното единство (GNA) која нападот го припишува на противничките сили на маршалот Калифа Хафтар.

Истовремено мисијата на Обединетите нации во Либија – UNSMIL на Twitter изрази жалење „поради страшниот призор кој стана вообичаен“.

Меѓу средата и неделата најмалку 19 лица, 17 цивили и двајца полицајци се убиени, а повеќе од 66 цивили се ранети во ракетните напади врз неколку квартови на Триполи, наведува меѓународно признаената влада GNA.

Во неделата вечерта и натаму одекнувале експлозии во Триполи, пренесуваат светските новински агенции.

Во април 2019 година, силите на маршалот Хафтар кој пред соборувањето на поранешната либиска власт на Моамер ел-Гадафи пребегна во САД, почна офанзива чија цел е заземање на Триполи кое е седиште на владата којашто тој ја смета за поврзана со исламистите. Двете страни се борат за превласт во земјата која е богата со нафта и во којашто владее хаос по соборувањето на Гадафи пред девет години,

Либија по соборувањето на Моамер ел-Гадафи во 2011 година благодарејќи на западната интервенција, е поделена меѓу ривалските страни кои се борат за превласт. Но, нивните судири се интензивираа во април минатата година кога Хафтар презеде голема офанзива врз Триполи, но меѓународно признаената влада возврати и настана пат позиција.

Меѓународно признаената влада на Фајез ал-Сараџ, со седиште во Триполи контролира помал дел од државата. Додека маршалот Хафтар, чие седиште е во Тобрук и кому му се приврзани поранешни припадници на регуларната армија на Либија и офицерски кадар, контролира поголем дел од земјата и поголем број нафтени полиња.

Ситуацијата во земјата дополнително се комплицира со финансиска, дипломатска и воена помош од странски сили за спротивставените страни. Турција, која ја поддржува цладата во Триполи веќе испрати војници во Либија. Владата во Триполи ја поддржуваат и САД, Италија, Катар и нивните главно западни сојузници. Хафтар, пак, ја има поддршката на Франција, Русија, Саудиска Арабија, Египет, Обединети Арапски Емирати и  Јордан.