Новото средно училиште во Сарај ќе почне да функционира следната година

Министерот за образование и наука,  Абдилаќим Адеми со делегација го посети објектот на  средното училиште во Општина Сарај, каде што одблиску го видоа училишниот објект кој веќе е завршен.

„Импресиониран сум од изгледот на училишниот објект  кој е меѓу најдобрите во Македонија. Училишниот објект финансиран од страна на Министерството за образование и наука, Општина Сарај и Град Скопје ќе служи како средно училиште за средношколците од овој регион каде што учениците ќе можат да завршат средно училиште, гимназија и економско – правна струка. Со оваа се остварува долгогодишното барање на жителите и општина Сарај. Училиштето ќе почне да функционира во учебната 2016/2017 година, до тогаш ќе завршат сите процедури за основање, регистрација на правниот субјект и објавување на конкурсот за упис“ истакна министерот Адеми.

Училиштето ќе има по пет паралелки за секоја учебна година – гимназиско образование  и стручно образование. Исто така ќе има и кабинети и други простории за потребите на училиштето.

Досегашната инвестиција изнесува над 50 милиони денари. Министерството за образование и наука ќе го обезбеди потребниот инвентар на училиштето.

Во изминатите две години се основани три средни училишта на албански јазик,  изградени два нови училишни објекти за средно образование, а  седум средни училишта  се реновирани.

Во фаза на реновирање се 9 албански училишта, исто така ќе се реновираат и 13 основни и  средни училиште меѓу нив и основното училиште во с. Сарај во вредност од 228 илјади евра и реновирање на спортската сала во с. Радуша во вредност од 90 илјади евра.

Поврзани вести