НСП бара колективен договор за вработените во затворите и исплата на законски утврдената плата

Независниот синдикат на полицијата (НСП) денеска на прес-конференција во Скопје обвини дека се кочи донесувањето на Колективниот договор на вработените во затворската полиција и администрација од страна на, како што велат, „фантом синдикатите“ без да посочат за кој синдикат се однесува тоа, а кој велат има многу мал број членови.

„Целата јавност знае кој е тој синдикат затоа што остана со мал број членови по одредени затвори кои сакаат да доминираат во одредени затворски институции и го кочат процесот на брзо донесување на европскиот колективен договор со што ќе се затвори прашањето околу тужбите и околу проблемите кои се јавуваат со години наназад. Без овој договор ќе продолжат тужбите, ќе продолжи испумпувањето на паричниот износ кој по основ на закон им следува на вработените на затворската полиција, а досега ги добивале по пат на тужби, односно на судски пресуди“ рече претседателот на НСП, Гоце Делчев Тодев.

Според него, ова е првпат за 29 години на иницијатива на овој синдикат да се носи колективен догововор за вработените во затворската полиција кои се под надлежност на Министерството за правда, а со кој ќе се прецизираат одредбите од Законот за извршување на санкции.

Од име на синдикалните организации на девет од 12-те затвори во земјата, изрази задоволство од разбирањето што го искажала министерката за правда Рената Дескоска, која ги вклучила во работните групи во Министерството за колективниот договор. Изрази уверување дека ќе се справат со „фантом синдикатите“ на кои рече, ќе им го ускратат правото да прават што сакаат, а со цел да се надминат сите негативности во однос на работата на вработените во затворите.

Горан Ристески од НС на затворската полиција и администрација при НСП, рече дека првпат биле консултурани во однос на измените на Законот за извршување на санкции кој е во сила од 29 мај 2019 година, со кој вработените добија повеќе права во делот на годишниот одмор и поголеми плати. Упати забелешка дека законот не се имплементира од страна на управата во затворите, која одбива тоа да го направи без претходно да биде донесен колективниот договор. Затоа вели, вработените и натаму посегаат по тужби за да си ги остварат законските права.

„Неимплементацијата на законот, освен тужбени трошоци ќе сноси и последици врз квалитетот на работата на сите вработени во Казнено поправните установи и Воспитно поправни установи. Ние како Синдикат поднесовме три предлог-правилници, последниот беше поднесен пред еден месец, а тоа е правилник за распоредување и унапредување во делот на затворската полиција согласно Законот за вработени во јавниот сектор, кој се уште не е потпишан од Министерството за правда“, рече Ристески.

Неговиот колега од синдикалната организација во затворот во Куманово Иво Јордановски појаснува дека разликата во плата што би ја замела вработените ако се исплаќа согласна новиот закон би била зголемна за 4.000 до 7.000 денари.

„ Обврска на директорите е да направат нова систематизација и да исплаќаат според новите правилници за исплата од денот кога излезе Законот во Службен весник. Веќе е втора половина на август, а ние се уште не земаме плата според новиот Закон’, рече ордановски.

Џељаљ Хајдари, претседател на синдикалната организација во затворот Идризово, кој е најголем и брои 250 вработени, истакна дека досега се исплатени втори тужби на повеќе од 200 колеги, а во процес се уште 200 тужби пред надлежните судови. Причината е вели што Идризово како институција не сака да почне со исплата на плати според одредбите од Законот. Бројката на тужби, која се однесува само од вработените во Идризово, главно е за прекувремена работа, ноќна работа, степен на ризик.

Во предлог колективниот договор на НСП меѓу другото, се регулираат прашања за боледувањата и нивната испла, се предвидува вработените во затворската администрација да земаат поголема плата од 15-30 отсто, а се предлага и преземање на вработените во стопанските единици при КПУ и ВПУ во соодветната затворска институција со цел регулирање на нивниот статус согласно Законот за работни односи и обезбедување на сигурност во работниот процес.