НУК: Невозможно е дејност да опстане со месеци соочена со ограничено работење на 30 и 50% од своите капацитети

Од Независната угостителска комора јавно излегоа со соопштение во кое реагираат дека во ниту еден момент не се консултирани за евентуалните нови мерки за финансиска помош и и поддршка за индустриите коишто најмногу настрадаа како последица на корона кризата.

Угостителите велат не постои дејност која може да издржи и опстане со месеци соочена со континуирани бројни рестриктивни мерки и протоколи со ограничувања во своето работење на 30 и 50 проценти од своите капацитети.

-Невозможно е со месеци да премостувате, одлагате и да го издржите притисокот за навремено исполнување на сите редовни 100% обврски, додека прометот и приходите се толку смалени што тековното работењето на угостителските објекти наместо планирани добивки генерираат енормни трошоци и загуби.

Државата и Владата мора да ја превземат целосната обврска и одговорност за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата Ковид-19 – велат угостителите.

Во продолжение соопштението на НУК во целост:

„Се повеќе е очигледно дека Владата започна со креирање и наскоро ќе донесе нов петти сет економски мерки на финансиска помош и подршка за индустриите кои најмногу настрадаа минатата година како последица од пандемијата Ковид-19. Со оглед дека досега како единствена Независна угостителска комора не сме добиле покана за активно учество во нивното креирање, а со цел Владата, медиумите и јавноста навреме да ги запознаеме со проблемите и очекувањата на угостителите до Владата денеска со е-пошта ги доставивме петте основни барања за угостителската индустрија со предлози за дополнителни мерки кои очекуваме да бидат опфатени во креирањето на новиот сет мерки

Не постои во светот индустрија која може да издржи и опстане со месеци соочена со континуирани бројни рестриктивни мерки и протоколи со ограничувања во своето работење на 30 и 50 проценти од своите капацитети. Невозможно е со месеци да премостувате, одлагате и да го издржите притисокот за навремено исполнување на сите редовни 100% обврски, додека прометот и приходите се толку смалени што тековното работењето на угостителските објекти наместо планирани добивки генерираат енормни трошоци и загуби.

Државата и Владата мора да ја превземат целосната обврска и одговорност за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата Ковид-19 и безрезервно да креираат посебни економски мерки за финансиска поддршка и неповратна помош. Ќе биде невкусно ако Владата не ни дозволи активно да учествуваме и допринесеме во креирањето на новиот сет мерки и ги усвои без активно учество на претставници на угостителите од независната угостителска комора односно изворно не ги слушне и не се запознае со реалните потреби и проблеми на угостителската индустрија.

Доколку се направат правилни економски мерки за помош и поддршка, реална политика во репрограмирање на долговите со достапност до долгорочни кредити и друга поддршка на работењето за сите угостителски објекти, сигурни сме дека угостители во наредниот период-години во целост не само што ќе ги надокнадат загубите и штетите, туку ќе остварат доволно приходи со кои ќе можат да ги подмират сите обврски и трошоци настанати од тековното работење и навреме да ги сервисираат превземени обврки по основ на репрограмирање на долгови.

Со правилно креирање на петтиот сет економски мерки кои на угостителската индустрија ќе и се гарантира опстанокот угостителите ќе можат да се обврзат трајно да го сочуваат секое работно место на угостителските работници.

Целосната листа на очекувањата за дискусија со Владата во креирање на петтиот сет мерки се дадени во продолжение:

ПЕТТЕ ОЧЕКУВАЊА И БАРАЊА ЗА НОВИОТ ПЕТТИ СЕТ ЕКОНОМСКИ МЕРКИ СО ДВОЈНА ПЕТТКА ЗА ВЛАДАТА

  1. Континуитет во помошта – безусловна субвенција за сите вработени во угостителската индустрија во висина на бруто плати додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки односно протоколите за работа на угостителски објекти или до званично завршување на пандемијата Ковид-19
  2. Директна неповратна финансиска помош – грант за сите угостители по принципот на доделена ваква помош за ноќните клубови и категоризираните ресторани
  3. Безусловна достапност на угостителската дејност до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на тековна ликвидност и унапредување на угостителството или побрза достапност на најавениот гарантен фонд или гарантна шема со која угостителите ќе можат да добијат државни гаранции врз основ на кои ќе можат во банките да се задолжат со долгорочни поволни комерцијални кредити со грејс периоди за надминување на проблемите со ликвидноста 
  4. Изедначување на ДДВ за угостителски услуги согласно ветувањата на 10% на сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти
  5. Одлагање и репрограмирање на извршни постапки врз угостителите и угостителската индустрија односно трансформација на секое извршно решение во решенија за исплата на рати со греј период или наплата по завршување на пандемијата Ковид-19

ПРЕДЛОЗИ ЗА ДОПОЛНИТЕЛНИ МЕРКИ НЕОПХОДНИ ЗА ОПСТАНОК НА УГОСТИТЕЛСКАТА ИНДУСТРИЈА

  • Финасиска помош и поддршка за трошоци за закуп-користење на деловен простор – угостителски објект и тоа:

    • целосно или парцијално ослободување на закупот на корисници кои се закупци на деловен простор во државна или локална сопственост за периодот Март 2020 – Март 2021 година

    • целосна или парцијална финансиска помош во висина на договор за закуп – платена закупнина но не повеќе од 15 евра/м2 во зависност од локацијата односно од 5-15 евра/м2 за периодот Март 2020 – Март 2021 година

    • ослободување и намалување на закупот на корисници кои се закупци на деловен простор во државна или локална сопственост (Школи, Градински, Општини и слично) за периодот додека траат посебните протоколи за работа односно не работеле институциите каде се наоѓа овој деловен простор

  • Законска регулатива со локалната самоуправа за регулирање на трошоците на поставување на урбана опрема во периодот на пандемија и тоа:

    • целосна финансиска субвенција и помош или целосно ослободување на надоместот за поставување на урбана опрема – тераси за периодот Март 2020 – Март 2021 година како и

    • целосно ослободување на плаќање на надомест на трошоци за поставување на урбана опрема до укинувањето на протоколите за работа на угостителски објекти и

    • ослбодување на 50% на трошоците за надомест на поставување на урбана опрема за првата година по завршување на пандемијата Ковид-19

  • Одлагање на принудна наплата на долговите створени во услови на пандемија Ковид-19 према државните институции со нивно репрограмирање и тоа на период од 6 месеци грејс период и минимум 2 години исплата

  • Во соработка со сите угостителски комори креирање на единствен регистар на угостителски објекти со нивна целосна класификација и категоризација врз основ на која регистрација ќе се врши распределба на финансиска поддршка и финансиска неповратна помош за угостителите

НЕОПХОДНИ ДИСКУСИИ ПО ОСНОВ НА ПРЕПОРАКИ – ПРОТОКОЛИ ЗА РАБОТА НА УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ СО ВЛАДАТА И КОМИСИЈА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

  • Унифицирање на протоколите за работа на угостителските објекти во 2021 година за целокупната угостителска индустрија

  • Враќање во целост на работното време на угостителската индустрија согласно законот за угостителска дејност

  • веднаш укинување на дел од несоодветните и непотребни рестриктивни забрани за работа на угостителските објекти како што се јачината на музиката и настапот на естрадни уметници

  • воведување задолжително активно учество на претставници на коморите во дискусиите при креирањето на сите препораки за рестриктивни мерки во Комисијата за заразни болести за угостителската индустрија

  • Одлука за формирање на заедничко работно тело со Комисијата за заразни болести со итен рок за изготвување на стратешка програма и стратегија со предлог мерки, решенија и унифицирани протоколи за работа во услови на пандемија Ковид-19 за тоа дали, како и под кои услови и начини угостителските објекти ќе можат да работат во наредната 2021/2022 година

  • Барање за изготвување на неопходни препораки-протоколи врз основ на кои угостителите – Рестораните специјализирани за свадби и Ноќните клубови, барови и дискотеки ќе може да ги планираат своите активности за 2021/202 година и својот иден опстанок односно идна економска исплативост

  • Предлагање и креирање на услови кои треба да бидат исполнети за воведувања на трета фаза од Протоколите за работа на угостителски објекти

Излегувајќи во пресрет на нашите очекувања и барања се надеваме дека Владата овој пат ќе заработи двојна петтка и конечно ќе имаме правилно креиран сет мерки со кои навистина реално ќе се помогне на најзагрозените угостители кои трпат енормни штети и загуби како последица на пандемијата Ковид-19“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.