Нула денари од државата за „Илинденски марш“, Општина Аеродром ќе го финансира во целост

Продолжува негаторскиот однос од страна на СДСМ кон сето тоа што е симбол на традицијата и патриотизмот во Македонија. До мене стигнаа голем број информации и поплаки за одлуката на Министерката за култура за финансирање проекти, но последната која денеска ја добив предизвика сериозна загриженост затоа што станува збор за „Илинденскиот марш“, важен проект за Општина Аеродром и Македонија кој опстојува повеќе од 40 години во минатото, истакнува градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски.

-Со последната одлука за финансирање и поддржување на проекти од страна на Министерството за култура, традиционалниот „Илинденскиот марш“ се одбива и за него од буџетот се одвојуваат нула денари. Имено, согласно одлуката потпишaна од министерката Костадиновска – Стојчевска од буџетот на оваа државна институција, која се финансира од средствата на даночните обврзници во Македонија се одвојуваат средства за голем број проекти кои немаат никаква поврзаност со култура и со Македонија. Но, ние работиме поинаку и се грижиме за културното наследство и традицијата, посочува тој.

-„Илинденски марш“ е завет од нашите предци и неговата важност за Аеродром и Македонија е голема. Поради ова, ќе предложам Советот на Општината да донесе одлука со која во целост финансиски ќе застанеме зад овој проект кој е доказ за истрајност од ропството во борбата за слобода, симбол на сеќавањето на македонската револуционерна борба и истиот до денес на автентичен начин ја пренесува приказната за храброста, себепочитувањето, рече Муцунски.