NYT: Десетици специјалци од членки на НАТО тајно работат во Украина

Тајна мрежа од разузнавачи и воени специјалци од САД и уште неколку земји на НАТО тајно работат на територијата на Украина, објави весникот The New York Times повикувајќи се на свои извори.

Весникот пишува дека на територијата на Украина се присутни специјалци од Велика Британија, Франција, Канада и Литванија, како и припадници на американската Централна разузнавачка агенција (CIA). Тие ги координираат разузнавачките податоци и снабдувањето со оружје и обуката на украинските трупи.

Според пишувањето на влијателниот весник, кој се повикува на американски и европски функционери, украинските трупи на теренот многу зависат од помошта на САД и нејзините сојузници, вклучително и од „сокриената мрежа на командоси и шпиони“ кои обезбедуваат оружје, разузнавачки податоци и обука. Се истакнува дека најголемиот дел од тие активности се одвиваат надвор од Украина, на пример, во базите во Германија, Франција и Велика Британија.

Структурата на дејствието на западните специјални сили во Украина, пишува натаму NYT, е изградена врз основа на искуството на НАТО во Авганистан и исто така е насочено и на координирање на движењето на конвоите со западно вооружување кон боиштата во Украина. Се истакнува дека западните специјалци не се распоредени блиску до линијата на фронтот и ја даваат логистиката од штабови на тајни локации.

Москва повеќепати обвинија за дејствување на специјалци и офицери од западните земји во Украина кои ја подготвувале украинската армија за воено решавање на осумгодишниот конфликт во одметнатиот југоисточен доминатно руски и рускојазичен регион Донбас, што беше изговор за руската воена инвазија од 24-ти февруари годинава.

Иако САД и НАТО отворено испраќаат голема воена помош на Украина и признаваат дека на Киев му обезбедуваат разузнавачки информации и сателитски снимки, повеќепати изјавуваа дека нема да испратат свои војници во Украина за да се избегне директната конфронтација со Русија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.