Џо Бајден во говорот во Конгресот повика на единство, зборуваше за Украина и Кина

Американскиот претседател Џо Бајден одржа говор за состојбата на нацијата во вторникот во кој повика на единство во остро поделениот Конгрес, го пофали растот на работните места, ја спомна војната во Украина и стратешката конкуренција со Кина.

Во големиот годишен говор за општата политика, во кој секој американски претседател ја исполнува својата уставна обврска да го информира Конгресот, Бајден ја нарече американската демократија „непрекината“, повика на единство, го поздрави закрепнувањето на американската економија и отворањето на рекордни 12 милиони работни места, истакна дека Америка „не може да го сврти погледот“ од полициската бруталност и ги нарече „скандалозни“ гигантските профити на нафтените компании, повикувајќи на воведување „минимален данок“ за милијардерите.

Бајден, исто така, нагласи дека САД ќе ја поддржуваат Украина „сѐ додека е потребно“ во соочувањето со руската инвазија и додаде дека САД ќе соработуваат со Кина, но и вети дека ќе ја „заштитат нашата земја“, мислејќи на кинескиот шпионски балон кој се појави над Америка минатата седмица.

Првото обраќање на Бајден на заедничка седница на Конгресот откако републиканците ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом траеше 73 минути, неговиот говор неколкупати беше прекинуван од аплаузите на присутните, но и од негодувањата на републиканците.

Бајден делувапе самоуверен, гласен и забавен, а американските аналитичари се согласни дека тоа било убедливо најинтерактивното обраќање за состојбата на нацијата во историјата на САД.

„До моите републикански пријатели, ако можевме да работиме заедно во претходниот Конгрес, нема причина зошто не можеме да работиме заедно во овој нов Конгрес. Народот ни испрати јасна порака. Борејќи се за доброто на борбата, моќта заради власта, конфликт заради конфликт, никаде не водат… Нѐ испратија овде да ја завршиме работата“, нагласи тој.

Настојувајќи да проектира оптимизам пред претседателската кампања во 2024 година, Бајден истакна дека економијата има корист од 12 милиони нови работни места, дека Covid-19 повеќе не ги контролира животите на Американците и дека американската демократија останува силна.

„Денес, иако е оштетена, нашата демократија останува непоколеблива и непрекината. Приказната за Америка е приказна за напредок и издржливост. Ние сме единствената земја што од секоја криза излезе посилна отколку кога влеговме во неа. Тоа е она што го правиме повторно“, рече американскиот претседател.

Бајден ја поздрави издржливоста и силата на американската економија, со пад на невработеноста на речиси 54-годишно најниско ниво во јануари, и истовремено вети дека ќе продолжи со напорите за намалување на инфлацијата и одбрана на благосостојбата и здравствените придобивки.

„Пред две години, нашата економија беше потресена. Додека стојам овде вечерва, отворивме рекордни 12 милиони нови работни места – повеќе работни места отворени за две години отколку кој било претседател што некогаш создал за четири години. Пред две години, Covid-19 ги затвори нашите бизниси, ги затвори нашите училишта. Мојот економски план е да инвестирам во местата и луѓето кои се заборавени. Среде економскиот пресврт во последните четири децении, премногу луѓе беа оставени или третирани како да се невидливи“, рече тој.

 

Реформа на полицијата

Бајден посочи дека Америка „не може да се оттргне“ од проблемот со полициската бруталност.

„Сите ние во ова собрание мора да се исправиме на приликата, не можеме да го свртиме погледот. Да се ​​собереме и да ја завршиме работата за полициските реформи“, нагласи тој.

„Сите ние го сакаме истото. Населби без насилство. Спроведување на законот што ја заслужува довербата на заедницата, за нашите деца да можат безбедно да се вратат дома. Знам дека повеќето полицајци се добри, пристојни луѓе. Тие ги ризикуваат своите животи секогаш кога ќе стават тој штит, но премногу често се случува она што му се случи на Тир во Мемфис“, рече челникот на САД.

Бајден ги обвини фармацевтските компании, инако значакни донатори во кампањите на неговата политичка опција, дека наплаќаат премногу за инсулин, ги обвини технолошките компании дека спроведуваат профитен „експеримент“ врз децата, а особено го критикуваше профитот на нафтените компании, заложувајќи се за повисоки даноци за милијардерите.

„Големите корпорации не ги користат само даночните закони, Тие ве искористуваат вас, американскиот потрошувач“, рече Бајден.

 

Поддршка за Украина

Бајден, исто така, рече дека САД ќе ја поддржат Украина „колку што е потребно“ пред руската инвазија, која го натера амбасадорот од Киев да стане и да аплаудира.

„Таа не ја претставува само својата нација, туку и храброста на нејзиниот народ“, ѝ се обрати американскиот претседател.

„Со НАТО, САД се соочија со агресијата предводена од (рускиот претседател Владимир) Путин и застанаа на страната на украинскиот народ“, нагласи тој речиси една година по почетокот на војната.

Посочи и како САД ќе соработуваат со својот ривал и голема сила Кина, но и дека Вашингтон ќе „дејствува“ доколку Кина го загрози нејзиниот суверенитет.

„Како што демонстриравме минатата седмица, доколку Кина го загрози нашиот суверенитет, ние ќе дејствуваме за да ја заштитиме нашата земја и тоа го направивме“, рече
Бајден кој во ноември наполни 80 години и, доколку биде реизбран, би имал 82 години на почетокот на вториот мандат, факт што загрижува многу демократски гласачи, покажуваат неодамнешните анкети.

Рејтингот на Бајден се зголеми за еден процент на 41 отсто во анкетата на Reuters/Ipsos спроведена минатата седмица. Меѓутоа, сепак, ова е многу блиску до рекорндно најниското ниво на неговото претседателствување, бидејќи 65 отсто од Американците мислат дека земјата е на погрешен пат, во споредба со 58 отсто една година порано.