ЈО ги предаде материјалите за истрагата за автобуската несреќа

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска на прес конференција посочи дека на заменикот окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник, Бисер Јорданов Михајлов и истражителот во Националната истражна служба на Република Бугарија, Младен Христов Петров им биле предадени материјалите поврзани со истрагата за автобуската несреќа во Бугарија.

„На бугарските обвинители им ги предадовме ДНК анализите, записници од осум сослушани сведоци, предметот оформен во Министерството за транспорт и врски за лиценцата на превозникот „Беса Транс“ и целокупната документација за автобусот со кое располага македонското Министерство за внатрешни работи “, изјави Љубомир Јовески.

„За потребите на обвинителството на Бугарија и на обвинителството на Северна Македонија се продолжува со сослушување и на други лица. Наидовме на целосно разбирање од обвинителството од Бугарија и од утре двајца експерти од Институтот за судска медицина заминуваат во Софија за забрзување на постапката на идентификација на настрадануте“, додаде Јовевски.