ОЈО: Едно лице оди во притвор, а седум во куќен притвор за нередите пред Собранието на 5 јули

-Осомничените за време на јавен собир на граѓани, учествувале во толпа и заеднички дејствувале така што започнале да ја влечат заштитната метална ограда поставена од МВР. Oткако ја оттргнале оградата, со тврди предмети – камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци, пиротехнички средства и молотови коктели започнале да фрлаат кон зградата на Собранието, соопшти ОЈО.

Основниот Кривичен суд Скопје, по предлог на Основното јавно обвинителство за определување мерка притвор за 8 лица кои учествувале во настаните пред Собранието на 5 – ти јули 2022 година, донесе решенија со кои на седум од осумте осомничени им определи мерка куќен притвор, а на еден од осомничените мерка притвор, сите во траење од 8 дена согласно предлогот на обвинителството за водење на истрага во скратена постапка, а заради постоење на основите од чл. 470 ст.1 т. 1 и 2 од ЗКП, односно опасност од бегство и можност да го повтори делото, соопштија од Кривичен.

ОЈО претходно објави дека поведе постапка против осум полнолетни лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело- Учество во толпа што ќе изврши кривично дело во врска со настаните пред Собранието на Република Северна Македонија на 5 јули.