ОЈО поднесе обвинение за предметот „Моќник“

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Кривичен суд поднесе Обвинителен акт против три лица и Обвинителен предлог против 10 лица кои биле инволвирани во продажбата на објект во с.Ижишта-Општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница.

По предметот, во јавноста познат како Моќник, пред неговото преземање од Основното јавно обвинителство, постапуваше СЈО. Со Обвинителниот акт, прво и второобвинетиот се товарат дека сториле едно кривично дело – Измама, третообвинетиот дека сторил едно кривично дело – Измама и едно кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.

Во случајот „Моќник“, пратеникот Антонијо Милошоски е осомничен дека овозможил по ниски цени да биде распродаден државен имот на негови блиски луѓе. При презентирање на случајот во 2018 година, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека во заблуда бил донесен Советот на Општината да отуѓи и продаде задружен дом со што била нанесена штета од 50 илјади евра во 2011 година и притоа се направени кривичните дела Измама и Злоупотреба на службената положба и овластувања.