Објавен дел од програмата на новата словенечка коалициска Влада на Јанез Јанша

Според најавите, претседателот на Словенија Борут Пахор денеска ќе го повика Јанез Јанша на состанок, по што се очекува да му го даде мандатот за состав на новата Влада.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, ова доаѓа откако партијата СДС (Словенечка демократска партија) на Јанша објави дека договорила коалиција со партиите СМЦ (Партија на Модерен Центар), НСИ (Нова Словенија) и ДеСУС (Демократска Партија на пензионерите во Словенија). Овие партии синоќа на одделни состаноци на органите на партиите ја потврдиле коалицијата со СДС и одлучиле да се формира на нова десно-центристичка Влада.

Во меѓувреме словенечките медиуми објавија дел од програмата на новата Влада. Имено, се предвидува воведување на универзален детски додаток како и повеќе пари за општините и локалната власт. Од СДС изјавија дека новата влада ќе има конкретна програма која ќе ја спроведе во реалност.

Ако и официјално го добие мандатот, Јанша по трет пат ќе биде словенечки премиер.

Според се уште непотврдени информации, собраниската седница за новата влада ќе се одржи следната недела.

Редовните парламентарни избори се за две и пол години.