Објавен нон-пејперот на Јанша: Спојување на Косово со Албанија, поделба на БиХ по примерот на Јужен Тирол…

Српски „Блиц“ објави детали од словенечкиот нон-пејпер во кој се зборува за идеите за распарчување на Босна и Херцеговина, за пристапувањето на Република Српска на Србија и за обединувањето на Косово со Албанија, т.е. создавање на „Голема Србија“ и „Голема Албанија“. Во документот не се споменува припојување на дел од Македонија кон Албанија.

Во воведот на овој документ, како што објави порталот Кликс.ба, се споменуваат „нерешени национални прашања на Србите, Албанците и Хрватите“, кои се појавија по распадот на Југославија. Авторите на документот посочуваат дека дури и по воспоставувањето на мирот по завршувањето на војните, по ветените европски перспективи и напредокот на Северна Македонија и Црна Гора, „клучните прашања остануваат нерешени“.

Нерешени прашања според нон пејперот се:

– Дека Дејтонскиот договор од 1995 година, со кој се стави крај на војната во Босна и Херцеговина која однесе повеќе од 100.000 животи, практично го признава постигнатото во војната, но не во принцип.

– Дека во моментов е тешко да се замислат европските перспективи на Србија и на Косово.

– Дека членството на БиХ во ЕУ може целосно да се исклучи.

– Дека во меѓувреме празниот простор го искористила Турција, која го зголемила своето влијание во БиХ и во Северна Македонија.

– Дека освен Турција, неколку локални политичари и нивни поддржувачи, кои лично имаат корист од хаосот и нефункционалните институции, никој не е задоволен од ситуацијата во БиХ.

– Обединување на Косово и Албанија. „На Косово, 95 проценти од населението сака да се обедини со оригиналната албанска нација. Слична е ситуацијата и во Албанија. Границата помеѓу Албанија (членка на НАТО) и Косово практично не постои. Српскиот дел на Косово ќе добие специјален статус – моделиран според Јужен Тирол, тоа е автономна покраина во северна Италија, каде мнозинството од населението зборува германски.

– Обединување на поголемиот дел од територијата на Република Српска со Србија. „Српското национално прашање во голема мера може да се реши со припојување на дел од Република Српска кон Србија. Во овој случај, Србија е подготвена да се согласи на обединување на Косово и Албанија”, се вели во документот.

– Хрватското национално прашање може да се реши со спојување на повеќето хрватски кантони во БиХ со Хрватска или со давање посебен статус на хрватскиот дел на БиХ (по примерот на Јужен Тирол).

– „Ова ќе им даде на Бошњаците независна функционална држава и ќе преземат целосна одговорност за неа. На референдум, луѓето ќе одлучат дали да се приклучат на ЕУ или за иднина без ЕУ (по примерот на Турција.) Засега, огромното мнозинство на Бошњаците ја поддржуваат перспективата во ЕУ. Но, со турското влијание и радикалниот ислам, ситуацијата може да се влоши драстично во следната деценија “.

Според авторите на „нон-пејперот“, овие „решенија“ би ги забрзале преговорите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО.

Но, ова се предлози на кои силно се спротивставуваат во САД, Германија, Франција и другите европски земји. Меѓународната заедница ја нагласува важноста на територијалниот интегритет на БиХ и се спротивставува на ново цртање на границите во поранешна Југославија. Тоа би ја отворило Пандорината кутија и веројатно би довело до нови војни.

Од понеделникот во регионот се зборува за тоа дали премиерот на Словенија, Јанез Јанша, навистина испратил неофицијален дипломатски документ до Брисел, во кој се зборува за новото цртање на границите на територијата на поранешна Југославија. Прес-службата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, прво потврди, а потоа брзо негираше дека го добиле документот. Но, како што откри словенечкиот портал Нецензурирано, неофицијален дипломатски документ всушност постои. Според нивните информации, документот се вика „Западен Балкан – патот напред“ и тој бил примен од кабинетот на Шарл Мишел во февруари. Порталот понатаму наведува дека официјално не е можно да се знае кој го напишал. Како што истакнуваат, тоа секако не е скроено во Министерството за надворешни работи на Словенија.

Според некои информации, дел од неговата содржина може да била напишана во Будимпешта. Меѓутоа, во дипломатските кругови во Брисел, тој се нарекува „словенечки“ документ бидејќи кабинетот на Јанша, наводно, учествувал во испраќањето на разни адреси. Јанша го негираше постоењето на документот и рече дека „било тешко да му се предаде нешто на Мишел во февруари или во март, бидејќи последен пат се сретнал со него минатата година“.

Но, како што пишуваат словенечките медиуми, постојат многу начини на кои документот можел да стигне до Брисел. На пример, во средината на февруари, Мишел присуствувал на состанок во Полска по повод 30-годишнината од формирањето на Вишеградската група, на кој присуствувал и унгарскиот премиер Виктор Орбан, најблискиот политички сојузник на Јанша во ЕУ.

Фактот дека документот говори за поделба на БиХ фрла ново светло на посетата на претседателот  Борут Пахор на оваа земја на 5 март кој таму запрашал за можен „мирен распад“ во БиХ. Кабинетот на Пахор подоцна тврдел дека претседателот на Словенија се спротивставил на идејата за распаѓање на БиХ.