Објавена листата на 25 производи со гарантирани цени кои треба да бидат барем 10% поевтини

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција ја објави листата на производите кои од утре ќе се продаваат со намалена цена.

Станува збор за група од 25 производи кои поевтинуваат и добиваат „гарантирана цена“ од утре, односно по објавувањето на одлуката донесена на денешната владина седница во Службен весник.

Меѓу тие производи се: бел ориз во пакување од 900 грама до 1 килограм, пченично брашно, бел и полубел леб 450 грама – цел и сечен на парчиња со исклучок на свеж леб печен во маркетот, бисквити, наполитанки со фил или без, тестенини од 500 грама, јунешко месо без коски, свинско месо без коски, мелено месо – свинско и јунешко, пилешки стек, чаен колбас, пилешка посебна салама, паштета од џигер или пилешка.

Исто така гарантирана цена ќе имаат трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% во пакување од литар, јогурт од кравјо млеко со масленост од 2,8 до 3,2% во пакување од литар и литар и пол, кисело кравјо млеко, павлака со масленост од 12 до 20%, кравјо бело сирење и мешано сирење, кравји и мешан кашкавал, свежи јајца од кокошка и целото овошје и целиот зеленчук.

Цените на овие производи, кои биле во маркетите на 1. август, дополнително треба да се намалат за 10%. Тие треба да бидат обележани со ознаката „гарантирана цена“ на рафтовите во ланците супермаркети.

Доколку не се почитуваат мерките, казната може да биде и забрана за вршење на дејност. Надлежноста ја има Државниот пазарен инспекторат, рече Бектеши на прес-конференцијата во Влада.

– Треба да ги одбележат сите овие производи со натписот „гарантирана цена“, која е објавена на веб-страницата на Министерството за економија и овие производи количински да ги набавуваат најмалку до 70 отсто во однос на количините од месец август 2023 – рече Бектеши.