Објавени документи за истрагата за претседателските избори во САД

Министерството за правда на САД објави преглед на сослушувањата и е-поштата вклучени во истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мјулер за наводно руско мешање во претседателските избори во 2016 година, по судска одлука од спор со телевизијата CNN и со платформата BuzzFeed News.

Објавените документи на 500 страници вклучуваат разговори со Рик Гејтс, поранешниот заменик за изборната кампања на претседателот Доналд Трамп и со Стив Бенон, поранешен претседателски советник.

Документите вклучуваат и кореспонденција преку електронската пошта меѓу Бњнон и Џаред Кушнер, висок советник на Трамп и негов зет, како и „предлог за добивање“ и анализирање на е-пошта од поранешниот државен секретар и подоцна и противкандидат на претседателските избори, Хилари Клинтон.

Од документите е јасно дека на 10-ти април 2018 година, Гејтс им кажал на истражителите дека Манафорт за време на изборната кампања во 2016 година верувал дека хакерскиот напад врз Националниот комитет на Демократската партија на САД е веројатно извршен од Украинци, а не од Руси. Сојузниците на Трамп ја бранеа таа теорија за да ги поткопаат наодите од истрагата на Мјулер за „руско мешање“ во изборите, но тогаш теоријата беше дискредитирана.

BuzzFeed News повикувајќи се на Законот за слобода на информирање побара да им се овозможи увид во сите документи поврзани со истрагата на поранешниот директор на Федералното биро за истраги (FBI), Мјулер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.