Објавени номинациите за престижните награди Grammy

Нумерите на пејачките Бијонсе и Били Ајлиш претендираат за престижната музичка награда Grammy во категоријата песна на годината, објави во вторникот вечерта американската Национална академија за уметност и техники на аудиозаписи (Recording Academy) во преносот на сајтот на манифестацијата.

Во споменатата категорија номинирани се композициите „Black Parade“ на Бијонсе, „ Everything I Wanted“ на Били Ајлиш, „Cardigan“ на Тејлор Свифт и „Don’t Start Now“ на Дуа Липа.

Конкуренти за ласкавото признание нумера која ја одбележала годината, им се машките исполнители: раперот Роди Рич со „The Box“, нумерата „Circles“ на Пост Малоун (Остин Пост), „ If the World Was Ending“ која во дует ја изведуваат Канаѓанецот Џеј-Пи Сакс и Американката Џулија Мајклз, како и нумерата „I Can’t Breathe“ на пејачката која настапува под акронимот H.E.R. односно Габриела Вилсион, посветена на афроамериканецот Џорџ Флојд кој умре во текот на полициско приведување на крајот од мај во Минеаполис и чија смрт доведе до повеќемесечни антирастни протести во САД кои имаа и политички импликации во избирната година.

Песните на Бијонсе и на Били Ајлиш, исто така, се номинирани и како снимки на годината. Во оваа категорина се уште и композициите „Colors“ на бендот Black Pumas, „Rockstar“ која ја изведува раперот Џонатан Линдејл Кирк познат како DaBaby, песната „Say So“ на рап-артистката Амала Татни Зандила Дламини, позната по уметничкиот псевдоним Doja Cat, песната на британската пејачка Дуа Липа „Don’t Start Now“, нумерата „Circles“ на американскиот изведувач Остин Ричард Пост (Post Malone) и композицијата „Savage“ на американската пејачка Меган Џовон Рут Пит позната повеќе како Megan Thee Stallion.

Академијата ги номинираше пејачките Фиби Бриџерс и Ноа Сајрус за наградата во категоријата најдобар нов изведувач, која лани ѝ припадна на Били Ајлиш.

Покрај двете фаворитки, на признанието претендираат и Ингрид Ендрес, Чика или Џејн Ораника, Ди Смоук односно Даниел Фарис, Доџа-Кет односно Амала Дламини, Меган Ти Сталион со вистинско име Меган Пит и кандаскиот диџеј Кајтранада зад кој се крие изведувачот Луи Селестин.

За наградата албум на годината номинирани се меѓу другите албумите „Black Pumas (Deluxe Edition)“ на американската група Black Pumas и осмиот студиски албум на британскиот бенд Coldplay под насловот „Everyday Life“, кои се сметаат за фаворити.

Меѓу номинираните се вброија и „Chilombo“, албумот на американската пејачка Џен Ајко Ефуру Чиломбо, третиот албум на британскиот изведувач Џејкоб Клиер под наслов „Djesse Vol.3“, третиот албум на лосанџелескиот рок-бенд Haim под насловот „Women in Music Pt. III“. Во конкуренција се и албумите: „Future Nostalgia“ на Дуал Липа, „Hollywood”s Bleeding“ на Остин Ричард Пост, и осмиот студиски албум „Folklore“ на Тејлор Свифт.

Шеесет и третото доделување на наградите Grammy ќе биде пренесувано на телевизиската мрежа CBS во недела на 31-ви јануари во 20 часот по времето на американскиот источен брег, односно во 3 часот по макединско време во понеделник.

Националната академија Recording Academy е основана во 1957 година, а првата церемонија на доделувањето на наградите Grammy е одржана на 4-ти мај 1959 година. Во различни периоди, церемонијата на доделувањето на награди се одржуваше во разни градови низ САД: Лос Анџелес, Њујорк, Чикаго, Нешвил. Последните години настанот, со ретки исклучоци, се одржува во „Staples Center“ во Лос Анџелес.