Објавени нови детали за истрагата за експлозиите на Северен тек

На почетокот од годинава германските истражители пронашле влакна на облеката оставена на јахтата којашто ја користеле непознати лица наводно вмешани во експлозиите од ланскиот септември на двата гасоводи Северен тек во Балтичкото Море, а материјалот е доставен за ДНК анализа, пишува во саботата германскиот весник Bild.

Иследниците поседуваат неколку парчиња облека, меѓу кои и термална маица „Icebreaker“ и црна капа „Von Lamezan“ на која се најдени влакна кои сега лабораториски се испитуваат на ДНК, го опишува весникот налогот за претрес во кој имал увид и списокот предмети најдени на јахтата.

Сѐ уште не е јасно, пишува натаму Bild, дали пронајдената облека припаѓа на едно од шесте неидентификувани лица, коишто според претходните медиумски извештаи во Германија и САД, го изнајмиле пловилото ланскиот септември непосредно пред експлозиите на четирите цевководи со коишто дефинитивно беше прекината испораката не евтиниот руски гас во Германија и Европа.

Исто така, на јахтата, којашто во моментот на истрагата се наоѓала на ткн „сув док“ на пристаништето на поранешната воена источногерманска морнарица на полуостровот Буг на островот Риген и, според весникот, каде што сопственикот ја подготвувал за продажба. Притоа бил пронајден и уред за GPS навигација.

Претходно германскиот весник Spiegel ги наведе моделот на патеката на јахтата „Андромеда“, којашто според претпоставките била користена за подметнување на експлозиите на Северен тек 1 и 2. Матичното пристаниште на 15-метарската јахта од класата „Bavaria Cruiser 50“ било Бреге на островот Риген, а таа била изнајмена од неидентификувани лица преку чартер компанија на истиот остров. Притоа беше објавена и фотографија.

Како што неодамна пишуваше Spiegel, јахтата испловиле од пристаништето Росток-Варнеминде, по што кусо време била вкотвена во пристаништето Вик, на северот од островот Риген, од каде што навлегол подлабоко во Балтичкото Море. Покрај тоа, како што дознал весникот, адресата на електронската пошта којашто била користена за изнајмување на бродот можела да укажува на Украина.

Германското сојузно обвинителство потврди дека од 18-ти до 20-ти јануари годинава бил извршен претрес на неименуваното пловило во врска со сомнителното изнајмување. Притоа потврди дека споменатиот брод можело да биде користен за пренесување експлозивни направи со кои беа кренати во воздух сите четири цевководи од гасоводите.

Кон крајот на септември минатата 2022 година и двата руски извозни гасоводи под Балтичкото Море – Северен тек 1 и Северен тек 2, беа ставен вон функција по саботажа. Шведска, Данска и Германија спроведуваат истраги, но се уште не дошле до конкретни резултати, а прелиминарните не ги соопштуваат објаснувајќи го со интерес од националната безбедност.

Од Москва повеќепати наведоа дека сѐ уште со сигурност не знаат кој стои зад нападот, бидејќи на Русија не ѝ беше дозволено ниту учество во истрагата, ниту спроведување на самостојна истрага иако неодамна повика на формирање во рамките на ОН на меѓународна независна и транспарента истрага за терористички напад врз стратешка меѓународна инфраструктура.

До почетокот на март годинава ниеден западен влијателен медиуми ниту западните политичари не го коментираа написот на американскиот наградуван американски новинар Сејмур Херш кој точно пред еден месец објави напис во кој прецизно наведува дати, личности, локации и опрема, и тврди дека зад експлозиите на четирите цевководи од гасоводите Северен тек 1 и 2 стои администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Според Херш, по деветмесечно планирање американските служби ги искористиле поморските вежби „Baltops“ на НАТО во јуни 2022-ра во Балтичкото Море да ги постават експлозивните направи кои три месеца подоцна ги активирала воената морнарица на Норвешка.

Меѓутоа, пред две седмици западните челници започнаа со коментари од написите на американскoт весник The New York Times и на германски Zeit од вторникот дека во експлозијата наводно учествувале „проукраинска групација“ којашто наводно ја сочинувале Украинци и Руси и којашто „не е поврзана“ со украинскиот претседател Володомир Зеленски а била „против рускиот претседател Владимир Путин“. Потоа минатата среда на темата се надоврзаа и британски Times и германската телевизија Ntv со наводните исти сознанија со кои вината за терористичкиот напад врз критичната инфраструктура се префрла на неидентификувана „украинска компанија“ и индиректно врз Полска каде што наводно било седиштето и бил изнајмен бродот со кој била спроведена акцијата. Times, пак, објави дека разузнавачите на западните земји го знаат идентитетот на наводниот украински спонзор на саботажа на гасоводите.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно ја нарече целосна глупост верзијата за вмешаност на украински активисти во експлозијата на Северен поток, и истакна дека само специјалисти поддржани од државата со одредени напредни и ретки технологии можат да изведат експлозија од ваков вид.