Објавени правилата за инсталирање на фотопанели за струја за домаќинствата, инвестиција меѓу 5.000 и 6.000 евра

Со драстично олеснети услови, без поседување лиценца или барање дозвола од општина, од денеска секое домаќинство наместо 4 – ќе може да инсталира фотоволтаици со капацитет од максимум 6 киловати а вишоците да ги продава.

Новиот Правилник за обновливи извори на енергија, кој веќе е во Службен весник, треба да ги мотивира граѓаните спасот од скапата струја и неизвесноста од испорака на гас да го бараат во природата.

„Доколку, хипотетички, поставите панели со моќност од 5 киловати – земајќи ги предвид местоположбата на живеалиштето, поставеноста на панелите и временските прилики, годишно би произвеле околу 5800 kW електрична енергија. Ако просечната месечна потрошувачка на струја, како што покажа последната анализа на Регулаторна за сите домаќинства во земјава, е 410 киловати месечно или 4920 киловати годишно – значи дека инсталацијата ги покрива потребите за струја, па дури и останува вишок“, објави Канал5 изјава на фирма која поставува фотоволтаици.

Граѓаните ќе имаат две опции – или да го продаваат вишокот на ЕВН или да го чуваат за зимските месеци кога фотоволтаиците произведуваат 4 пати помалку енергија од периодот помеѓу јуни и август.

„Ако, согласно сегашната цена на струја за еден киловат, годишно за сметки за струја одат околу 50.000 денари а една фотонапонска централа од 5 киловати чини помеѓу 5.000 и 6.000 евра – ќе бидат потребни 5 до 7 години за да домаќинството да си ја поврати инвестицијата.

Министерството за економија наскоро ќе распише и јавен оглас за субвенции за фотоволтаици од максимум 1000 евра по домаќинство.