Објавени тајни документи: Клинтон имал таен план за Босна и Херцеговина

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, во пресрет на почетокот на изборната кампања, со која се борел за втор мандат, побарал од владата во Сараево во 1995 година да направи отстапки за Србите во Босна за да се стави крај на војната, според доверливите документи што неодамна биле објавени и го содржат Тајниот план на Клинтон за Босна.

Документите објавени од претседателската библиотека датираат од летото 1995 година, точно во моментот на конфликтот околу Сребреница и неколку месеци пред склучувањето на Дејтонскиот договор, пишува лондонски „Гардијан“.

Според тие документи, но и изјавите на официјални лица од тој период, Клинтон сакал војната во Босна да заврши пред почетокот на кампањата за претседателските избори што се одржале во 1996 година, во која тој се борел за втор мандат.

Записниците од телефонските разговори на Клинтон со други светски лидери велат дека тој во неколку наврати рекол дека е разочаран што силите на босанските муслимани не успеале да ја спасат Сребреница.

Главниот оперативец на Клинтон за спроведување на тајниот план за прекинување на војната во Босна бил неговиот советник за национална безбедност, Ентони Лејк. Имплементацијата на планот започнала неколку недели пред падот на Сребреница и вклучувало постигнување мировен договор што ќе ја поделел Босна на два приближно еднакви субјекти.

Во случај да не успеел, планот бил да се повлечат мировните сили на ООН, да се стави крај на ембаргото за испорака на оружје во БиХ и да се даде првична воздушна поддршка на муслиманско-хрватските сили во борбата против Србите.

Планот на Клинтон предвидувал американската администрација прво да одржи разговори со претставниците на Сараево, со цел да ги убеди во отстапки по падот на Сребреница.

Според планот, федерацијата на муслимани и Хрвати требала да добие нешто помалку од половина од државата, додека Американците би разгледале притисок врз муслиманската страна да се согласат на можноста Србите во Босна да одржат референдум, во рок од две до три години,  за да се одделат од БиХ.

„Ако босанските муслимани не можат да ги убедат босанските Срби дека нивната иднина лежи во реинтеграција во БиХ, нема смисла да се блокира мирно одвојување оф заедничката држава, по чехословачкиот модел“, се предвидувало во планот на Клинтон.

Според објавените документи, некои членови на администрацијата на Клинтон не биле задоволни од таквиот план.

Дејвид Шафер, советник на тогашниот американски амбасадор во ООН, Медлин Олбрајт, напишал дека „Србите окупиралеголем дел од територијата благодарение на етничкото чистење и сега ние им дозволуваме преку демократски референдум да го потврдат тоа, што е многу лизгав терен“. Тој подоцна во своите мемоари тврдел дека е можно настапот на Лејк да биде всушност само провокација да се зборува повеќе за Босна во Белата куќа.

Александар Вершбоу, кој бил задолжен за Европа во Советот за национална безбедност, изјавил дека стратегијата за излегување од војната е резултат на компромис меѓу неколку американски нивоа на власта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.