Објектот соборен над Хјурон летал близу важни воени инсталации на САД

Неидентификуваниот летечки објект соборен во неделата од страна на американското воено воздухопловство над езерото Хјурон на северот од земјата близу границата со Канада, претставувал закана „поради неговите потенцијални разузнавачки способности“, бидејќи леташе близу до воени инсталации значајни за националната безбедност, соопшти ноќта кон понеделникот американската Северна команда.

„Денеска (недела) во 14,42 часот по времето на источното крајбрежје на САД (20,42 часот по македонско време), по наредба на претседателот Џо Бајден и врз основа на препораките од министерот (за одбрана Лојд) Остин и военото водство (ловец) F-16 лансираше (ракета) AIM-9X и успешно собори објект кој леташе на височина од приближно 20.000 стапки (околу шест километри) во воздушниот простор на САД над езерото Хјурон во сојузната држава Мичиген“, се наведува во објавата на Пентагон.

Се истакнува дека имајќи ја предвид траекторијата на летот и достапните податоци, американското Министерство за одбрана имало основа да го поврзе овој објект со радарски сигнал да се добиен во воздушниот простор над Монтана. Имено кинескиот балон кој пред речиси две седмици ја прелета речиси целата територија на САД и за кој Вашингтон тврди дека бил шпионски а Пекинг дека бил метеоролошки, бил забележан дури надлетување на важна воена база во споменатата сојузна држава каде што се чуваат 150 интерконтинентални балистички проектили со нуклеарни боеви глави.

„Според нашата процена, тој не претставувал директна воена закана за ниту еден објект од аспект на националната безбедност на површината, но сметаме дека претставувал закана од аспект на безбедноста на летовите, како и закана поради потенцијалните разузнавачки способност што ги имал“, се истакнува во соопштението на Пентагон.

Траекторијата и висината на летото беа загрижувачки, се наведува натаму во соопштението, вклучително и поради тоа што можел да претставуваат закана за цивилното воздухопловство.

„Изборот на локацијата за соборување овозможи избегнување штети за населението, а истовремено ги зголемуваше шансите за подигнување на остатоците. Нема сведоштва дека настрадале цивили или на некој друг начин им била нанесена штета“, истакнува Северната команда на САД.

„Ловец ‘F-16’ на американското воено воздухопловство со проектил ‘Sidewinder’ собори мистериозен осмоаголен објект на езерото Хјурон“, изјави сентаторот Џек Бергман за телевизиската мрежа Fox News.

Претходно во неделата американските воздушни сили објавија дека собориле летечки објект над езерото Хјурон покрај границата со Канада, што е третиот таков случај во последните три дена или четврти во изминатите осум дена.

„Нашите специјалисти сега работата на пронаоѓање и собирање на остатоците од објектот и да се дознае повеќе“ за неговото потекло и намена, додаваат од Пентагон.

 

По наредба на Бајден

Висок претставник на администрацијата во Вашингтон потврдил за агенцијата Reuters дека во неделата на споменатата локација американските воздухопловни сили по наредба на претседателот Џо Бајден го собориле неидентификуваниот летачки објект. Неименувани функционери за агенцијата потврдиле дека објектот имал осумаголна структура.,

Претставникот на американската администрација потврдил дека САД немаат докази дека уништениот објект имал разузнавачки активности, но не можат да ја исклучат таквата негова намена. Според изворот, објектот првично бил откриен во саботата во воздушниот простор над сојузната држава Монтана.

Претходно во неделата, американската Федерална управа за авијација (FAA) привремено затвори дел од воздушниот простор над соседното езеро Мичиген, кое се наоѓа меѓу државите Висконсин и Мичиген. Известувањето подоцна беше повлечено и воздушниот простор беше повторно отворен.

Во петокот портпаролот на Пентагон изјави дека ловец „F-22 Raptor“ соборил објект со величина на помал автомобил над Алјаска, кој бил на надморска височина од околу 12 километри. Во саботата, канадскиот премиер Џастин Трудо објави на Twitter дека Заедничката (американско-канадска) Северноамериканска одбранбена команда (NORAD) соборила неидентификуван објект на небото над северна Канада. Во мисијата бил активиран борбен авион „F-22“, а според портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, овој објект првично бил откриен на небото над Алјаска.