Претседателот на САД Барак Обама изјави денеска дека меѓународната заедница и натаму ќе ја изолира Русија, ако рускиот претседател Владимир Путин продолжи да го крши меѓународното право и договорите за прекин на судирите во Украина.
– Санкциите што ги воведовме даваат прилично добри резултати. Ние имаме капацитет и нашите нови тимови постојано ги преиспитуваат механизмите со кои по потреба може да се изврши дополнителен притисок, рече Обама на самитот на Г-20 во Бризбејн.
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека од самитот овој викенд до Русија е испратена јасна порака да престане да се меша во внатрешните прашања на Украина, или ќе уследат нови санкции.
– Мислам дека во врска со овој самит на Г-20 добро е што земји од ЕУ и САД и испратија јасна порака на Русија дека ќе пристапиме кон тоа во наредните месеци и години, рече Камерон на прес-конференција со Обама.
САД, Австралија и Јапонија денеска се договорија да бараат од Русија да престане да се меша во внатрешните прашања на Украина и бараа правда за жртвите на малезискиот патнички авион, кој наводно го собориле проруски сили во источна Украина.