Обамејанг и Закарија во Челзи, Алонсо во Барселона

Доцна синоќа Челзи ги потврди трансферите на Пјер Емерик Обамејанг и Денис Закарија и заминувањето на Маркос Алонсо.

Во текот на целиот вчерашен ден Челси и Барселона работеа на зделката која беше комплетирана до последните моменти од преодниот рок, а објавена доцна по полноќ.

„Пјер Емерик Обамејанг го комплетираше перманентниот трансфер од Барселона во Челзи“, стои во соопштението на клубот.

Обамејанг ќе го носи дресот со бројот 9 за кого се вели дека е проклет во Челзи и обично не им оди на играчите кои ја имаат таа бројка на грбот. Дали Обамејанг ќе го урне тоа проклетство, ќе видиме.

Челзи го потврди и трансферот на Денис Закарија кој пристигнува од Јувентус на позајмица со опција за откуп за 30 милиони евра.

Челзи потврди и дека го раскина договорот со Маркос Алонсо на взаемна согласност. Тој денеска треба да биде промовиран како фудбалер на Барселона.

Алонсо за Барселона ќе потпише како слободен играч, иако практично е дел од договорот за Обамејанг.