Обдукцијата покажа од што угинала последната жирафа во скопската ЗОО

Скопската Зоолошка градина преку соопштение обелодени од што угина жирафата Флопи. Од таму велат дека причината е малиген тумор во црниот дроб и метастази во белите дробови.

На 27-ми ноември беше објавено дека угинала последната жирафа – Флопи во скопската Зоолошка градина, чиешто спасување траело два часа. Истиот ден претходно вработените во установата ги потресе веста дека починал нејзиниот ЗОО-негувател, Ристе Трајковски, кој 12 години се грижеше за трите жирафи.

„Само што ги добивме официјалните резултати од обдукцискиот протокол за угинувањето на нашиот Флопи, како што ветивме, веднаш транспарентно и одговорно ги споделуваме со целата јавност.

27.11. 2023 година беше за нас трагичен ден, прво со веста за починувањето на нашиот сакан колега Ристе, а неколку часа подоцна.  за жал, нѐ напушти и жирафата Флопи, и покрај сите напори, грижа и максимална ангажираност на сите вработени во ЗОО Скопје кои деноноќно се грижеа за неа.

Врз основа на патохистолошки наод, и микробиолошкиот и молекуларен наод од Факултетот за ветеринарна медицина добивме заклучок во кој се констатира дека Флопи угинал како резултат на малиген тумор во црниот дроб и метастази во белите дробови.

Оваа подмолна болест е една од најфаталните во 21. век, од која како и луѓето, страдаат и голем број животни. Ракот на црниот дроб се смета за „тивок убиец“, а кај Флопи агресивен карцином веќе метастазирал и во белите дробови, кој тешко се дијагностицира во рана фаза.

Сѐ уште сме тажни поради оваа голема загуба, бидејќи во ЗОО Скопје вработените и животните, сите заедно, сме едно големо семејство. Флопи ќе го паметиме по неговата грациозност, специфичните шари на телото, неговата голема љубов кон зоонегувателите импосетителите, како и по мирниот карактер. Еден дел од нашите срца засекогаш ќе остане празен после неговото заминување“, велат од ЗОО Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.