Објавен оглас за нови членови на Комисијата за лустрација

Собранието објави оглас за избор на нови 11 членови на Комисијата за верификација на факти бидејќи мандатот на претходните веќе им е истечен.

Во огласот се наведува дека заинтересираните кандидати, државјани на Република Македонија, со висок личен и професионален интегритет, пријавите со наведените документи во точката 4 на оваа одлука да ги поднесат до Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија во рок од 15 дена од денот на објавувањето на оваа одлука во „Службен весник на Република Македонија”.

Член на Комисијата не може да биде лице кое е член на орган на политичка партија, ниту лице кое е осудено со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци или ако му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност и должност и лице кое во периодот утврден во членот 4 од Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност било претседател на државата, претседател и потпретседател на Собранието на Република Македонија, претседател и член (министер или заменик министер) на Владата на Република Македонија, вработен во органите за државна безбедност, или избрани лица кои претходно работеле или работат во институции кои согласно со Законот се задолжени да соработуваат со Комисијата.

Одлуката за избор на нови членови беше донесена на собраниската седница одржана во понеделникот.