Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ги посети пензионерите кои преку проектот на Министерството престојуваат на бесплатен викенд во Охрид, при што соопшти дека денес е објавен и повикот за бесплатен туристички викенд за наредната 2016 година.
Тој истакна дека оваа година преку овој проект три илјади пензионери веќе ја користат услугата бесплатен викенд. Станува збор за дел од Програмата на Владата, за чија реализација за оваа година се издвоени околу 12 милиони денари.
– Продолжуваме со резлизација на проектите што се од интерес на пензионерите. За 2016 година предност ќе имаат оние пензионери што се со пониски примања, лица со телесен инвалидитет, како и рударите кои работеле во подземни ископи, истакна министерот Спасов.
За реализација на тој проект за 2016 година од буџетот се издвоени исто така околу два милиони денари.
Во текот на вчерашниот ден објавен беше и јавниот повик за бесплатна бањско-климатска рекреација за 5.500 пензионери, така што заедно со денеска објавениот повик вкупно 8.500 пензионирани лица идната година ќе можат бесплатно да одмараат во некои од домашните туристички и бањски центри.
Спасов ги повика сите заинтересирани пензионери да аплицираат за понудените содржини, со забелешка дека Владата и во наредниот период ќе продолжи грижата за највозрасната категорија граѓани, преку реализација на слични проекти насочени кон подобрување на нивното секојдневие.
Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија Драги Аргировски истакна дека голем е интересот на таа категорија граѓани за користење на поволностите што ги нуди Владата и ресорното Министерство.
– Минатата година речиси дваесет илјади пензионери аплицираа за користење на бесплатен туристички викенд, додека услугата за бесплатна бањско-климатска рекреација досега ја искористиле над 32 илјади пензионери, рече Аргировски.