Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна го објави романот „Копање“ од велшкиот писател Кинан Џонс, во превод од англиски јазик на Дарко Цветаноски. Романот е добитник на наградата „Книга на годината“ во Велс за 2015 година.
„Копање“ е жесток краток роман, сочинет од испреплетените приказни на ловец на јазовци и еден неутешен фармер, кои се одвиваат во сурова рурална средина каде што човекот, животното, земјата и временските услови постојано се жестоко спротивставени. Патиштата на двајцата се вкрстуваат со трагична неминовност.
Џонс брилијантно пишува за психологијата на жалоста и изолираноста поради загуба, како и за едноставната суровост на животинското постоење со непоколебливо око на натуралист. Неговата проза е минималистичка со резонантна едноставност и повремена раскошност. Овој роман е кус, но пука со насобрана потисната енергија што прави да зазема поголем простор отколку што зафаќа на прв поглед.
Кинан Џонс (1975) е велшки писател од помладата генерација, но веќе афирмиран и наградуван. Неговиот прв роман, „Долгата суша“ (2006), ја добива наградата „Бети Траск“ на британското Здружение на писатели. Во 2013 година Џонс влегува во потесен избор за наградата за најдобар расказ на „Сандеј тајмс“. Неговиот последен роман, „Копање“ (2014), е прогласен за книга на годината во велс во 2015 година, и е добитник на наградата Jerwood Fiction Uncovered. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, меѓу кои француски, германски, италијан¬ски, шпански, португалски, турски, арапски, и др.
Неговиот роман „Копање“ доби одлични одгласи од книжевната критика и медиумите. За него, меѓу другото, е речено:
„’Копање‘ го претвора читателот во беспомошно животно; втренчено чекајќи го тој удар по черепот. Првиот неочекуван емотивен удар е всушност најлошиот, но приказната што се развива од овој шок е како јамка за јазо¬вец: можеме да навиваме за аутсајдерот, но играта е намес¬тена – можен е само еден исход“, пишува британскит The Guardian.
„Длабок и извонредно збиен… моќен… диптих за насилството, загубата и различните начини на кои некој може да биде заробен. Целосно е непоколеблив во описот на суровоста со којашто се соочуваат јазовците… и покрај тоа ’Копање‘ има силен морален компас, а насилството никогаш не е непотребно. Ова е роман со тежина далеку над неговата големина“, ќе забележии критичарот на The New York Times.
„Мала, прекрасно составена приказна за загуба наспроти бруталноста на ловењето јазовци… Џонс покажува дека краткиот роман може да биде исто толку епски, а и стилски опсежен како и долгиот. Сместен меѓу непријателски настроена природа, ги опишува загубата, жалоста, како и тоа како природниот циклус на смртта и распаѓањето влијае на душата“, ќе истакне The Independent.
„’Копање‘ е извонреден роман, и поради тоа што е милосрдно мал, може да се чита како поезија, оставајќи зборовите да резонираат во черепот додека не се појават неверојатно привлечните шаблони на неговото длабоко значење“, наведува Times.
„Романот ги преплетува суровите реалности на рурал¬ниот живот во приказна што пленува и што останува со читателот…“, The Telegraph.
„Четвртиот роман на Кинан Џонс, ’Копање‘, е исклучително моќно дело – не без оглед на краткоста, туку токму поради неа… Тој е енормно храбар писател… Неопходната и централната бруталност и тоа како е надоместена со трансцендентниот квалитет на пишувањето на Џонс“, Financial Times
„Во ’Копање‘ Џонс ги испитува бруталноста и немоќта не само со око на хирург, туку и со срце на поет“, забележува Wales Art Review.