Објавен турски превод на романот „Зад аголот“ на Томислав Османли

Издавачката куќа „Библион“ од Истанбул го објави преводот на романот „Зад аголот“ од Томислав Османли на турски јазик. Романот, кој на македонски е објавен од „Магор“ во 2012 година, на турски го преведе  Мехмед Јонуз.

По бројните објави на „Дваесет и првиот“, претходниот награден роман на Османли, ова е прва меѓународна објава на неговиот втор, структурно покомплексен роман.

„Зад аголот“ развива девет линии на дејства од кои дел се преплетуваат, а дел се продолжуваат, при што неговиот хронотоп има опфат од јонската и атичката антика, до современа Европа, Азија и Америка со фокус врз 1999 година, односно до математички и симбилички последната година на минатиот век.

Во годината кога се појави, романот „Зад аголот“ на Османли беше финалист на сите домашни прозни награди.

Објавувањето во Истанбул е со поддршка на Министарството за култура на Република Македонија преку конкурсот за субвенционирање странски издавачи.