Објавена „Статии и анализи за македонскиот јазик“ од Круме Кепески

Друштвото за издавачка дејност „МАКЕДОНИКА“ од Скопје, неодамна ја објави книгата со досега непубликувани трудови на авторот на првата граматика на македонскиот јазик Круме Кепески со наслов „Статии и анализи за македонскиот јазик“.

Книгата содржи статии, говори, предавања и разработени јазични прашања, што се однесуваат на општите согледувања на развојот на македонскиот јазик и за одделни јазични прашања; на методиката на наставата за македонскиот јазик; и на лексиката на македонскиот јазик.

Овие трудови на Кепески се исклучително значајни од лингвистички и културолошки аспект поради фактот што тој е авторот на првата македонска граматика, основоположник на граматичарската дејност во Република Македонија и најплодниот автор со дури педесетината изданија на граматики на македонскиот јазик наменети за образованието. Трудовите на Круме Кепески го одбележуваат и развојниот пат на македонскиот литературен јазик.

Проф. д-р Димитар Пандев, во предговорот на книгата, меѓу другото, пишува: „Круме Кепески е македонски лингвист кој со филолошка и во тој контекст, со лингвистичка наобразба се здобил уште пред официјалната кодификација на македонскиот јазик, кога и ја започнал својата културна дејност во прилог на осмислување на македонистиката во рамките на славистиката, и активно продолжил да се занимава со неа во првите децении од стандардизацијата на македонскиот јазик, кога несебично се вклучил во практичната примена на литературнојазичната норма на македонскиот јазик, т.е. на  усовршување на нормата и на научна елаборација на македонскиот јазик.

Кепески се јавува како автор на првата македонска граматика која веднаш наоѓа поширока примена во образованието и во другите сфери на општествениот живот. Оваа граматика овозможува основно зацврстување на македонската литературнојазична норма во свеста на македонските родени зборувачи и соодветно преточување на граматичката материја во наставната практика.“

Круме Кепески (Прилеп, 1909 – Скопје, 1988),  македонист, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби. Дипломирал на групата Српскохрватски јазик и старословенски јазик на Филозофскиот факултет во Белград (1935). Работел како професор по словенска филологија и по македонски јазик во Неготино, Скопје и во Горна Џумаја (Благоевград). Од 1949 година до пензионирањето (1977), со мали прекини, бил професор по македонски јазик, методика на македонскиот јазик и старословенски јазик на Педагошката академија во Скопје.

Во 1944 година работел на собирањето историски материјали за Македонија кои треба да послужат за Мировната конференција во Париз. Во почетокот на 1945, како член на комисија, работел на утврдувањето на македонската терминологија за воената артилерија,а во 1946 година работи на општата македонска терминологија,по што станува прв редактор на Македонското државно книгоиздателство.

За професорскиот испит (1941) го напишал трудот Прилепскиот говор,што е своевидна основа на неговите подоцнежни граматики. Првата Македонска граматика Кепески ја објавил на 26.1.1946. Граматиката по својот карактер била општа, но и одобрена како учебник во средните училишта, а наменета и за администрацијата и пошироката популација. Таа има огромно значење за развојот на македонскиот стандарден јазик.

Автор е на повеќе граматики за основното и средното образование.

Постхумно се објавени книгите: Прилепскиот говор (1993), Островот бил парче земја(1994), Книга за Круме Кепески (1999) и Од нашиот речник (2007).