Објавени државјанствата на загинатите во падот на етиопскиот авион

542

Портпаролот на етиопскиот авионски превозник „Ethiopia Airlines“ чијшто авион се урна во неделата со 149 патници и осум членови на екипажот по полетувањето од етиопската престолнина Адис Абеба, им соопшти на новинарите дека патниците биле државјани на повеќе од 30 земји.

Меѓу патниците биле 32 државјани на Кенија, 18 на Канада, девет од Етиопија, по осум од Италија, Кина и САД, седум од Велика Британија и Франција, шест од Египет, пет државјани на Холандија, по четири од Индија и Словачка, по тројца од Австрија, Шведска и Русија, и по два државјана на Мароко, Шпанија, Полска и Израел. На летот биле и по еден државјанин на Белгија, Индонезија, Саудсика Арабија, Сомалија , Србија, Норвешка, Того, Тунис, Мозамбик, Руанда, Судан, Уганда и Јемен.

Четворица од патниците имале патни исправи на Обединетите нации и нивните државјанства сѐ уште не може да бидат јасно потврдени. Осумте членови на екипажот се државјани на Етиопија.

Според интернет страницата којашто ги следи сите летови Flightradar24, авионот на „Ethiopia Airlines“ на летот ЕТ302 имал нестабилна брзина при искачувањето.

Авионот се урна во неделата утрото набрзо по полетувањето од Адис Абеба во областа на гратчето Бишолте, 62 километри југоисточно од етиопската претолнина, според компанијата. Авионот полетал во 8,30 часот од аеродромот „Боле Интернешнел“ и контактот со него е загубен неколку минути подоцна.

Авионот на летот ЕУ302 меѓу Адис Абеба и Најроби, главниот град на Кенија, се урнал во 8,44 часот по локално време. Причината за несреќата на авионот „ Boeing 737“ на „Ethiopian Airlines“ сѐ уште не е позната.

Како што изјавил челникот на компанијата „Ethiopian Airlines Group“, авионот од типот „Boeing 737 Max 8“ бил користен од ноември 2018 година.

„Денеска во шест часот наутро авионот пристигна од Јоханесбург, немаше никакви технички проблеми. Наскоро по полетувањето капетанот на летот испратил сигнал за оштетување, го пријавил проблемот и побарал дозвола да се врати на аеродромот“, рекол директорот.

Потоа, додал челникот на авиопревозникот, се прекинала врската со авионот, и истакнал дека тоа се случило шест минути по полетувањето. Покрај тоа, според некои извештаи, бил забележан и чад, додал.

Капетанот на летот, кој е од кениско-етиопско потекло бил искусен пилот, со 8.000 часови летање, соопштија од водухопловната компанија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.