Објавени монографии за Александров, Тошев и Петков

Државниот архив на Република Македонија и Друштвото за издавачка дејност „МАКЕДОНИКА литера“ од Скопје, како дел од едицијата со монографии „Македонски дејци“, неодамна објавија три монографски изданија: „Тодор Александров“ од Зоран Тодоровски, „Пере Тошев“ од Михајло Миноски и „Апостол Петков“ од Ванчо Ѓорѓиев.

Претставувајќи го како личност која оставила длабоки траги во македонското револуционерно движење, а уште повеќе во колективната меморија на македонскиот народ и на македонските емигранти и бегалци во Бугарија, за револуционерната дејност на Тодор Александров авторот Зоран Тодоровски пишува во неколку поглавја, односно за неколку фази од неговата дејност: за периодот до 1918 година, периодот по Првата светска војна, за активноста на ВМРО во вардарскиот дел на Македонија, за политиката на Александров спрема бугарската влада, за неговата соработка со Советскиот Сојуз и Коминтерната, а на крајот дава и заклучни согледувања.

Монографијата е богата и со фотографии, од кои еден дел првпат се публикувани. Користени се и досега необјавени и малку познати архивски документи за Александров.

„Револуционерното дело на Тодор Александров беше загатка за повеќе историографии и историчари,“ – пишува Зоран Тодоровски во предговорот.

Монографијата за Пере Тошев, со поднаслов „Совеста за револуционерна Македонија“ е првата монографска публикација за него. Авторот Михајло Миноски во предговорот пишува дека „Големиот револуционер – конспиратор, еден од водачите раководители – апостолите на Македонската револуционерна организација, и по едно столетие од неговото загинување остана недоволно проучен и афирмиран онака како што заслужува“. Меѓу основните причини за тоа тој го наведува фактот што Тошев не остави свои спомени и што нема изворна документација, односно ме е зачувана неговата кореспонденција.

Монографијата за Апостол Петков авторот Ванчо Ѓорѓиев ја поднасловува со „Кралот на блатото“ и овој македонски војвода го претставува како бестрашен и горделив, кој иако бил неграмотен, со своите подвизи станал вистинска легенда уште за време на својот живот. Населението во Ениџевардарско го нарекло „Ениџевардарско сонце“, а по своите епитети на автентичен и необично храбар и принципиелен војвода бил познат и во светот.

„Тоа е човек за кого животот е борба, а борбата е начин на живот – пишува Ванчо Ѓорѓиев. Апостол Петков е автохтон војвода на македонското револуционерно движење и типичен пример на регионален водач со апсолутен авторитет. Неговото име приврзаниците го изговарале со восхит, а противниците со респект и страв.“