Објавено барањето за гласање недоверба на Владата, седницата во среда

Собранието во понеделникот на својата официјална мрежна страница го објави документот поднесен на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за гласање на недоверба на Владата предводена од СДСМ и до ДУИ, во коешто на девет страници образложено во 16 точки се изнесува оцената дека станува збор за „најкриминална и најнеспособна влада досега“.

Првите критики се упатени за партизираност на институциите и отпуштања од работа. Критика има за законот за јазици, владиниот „План 3 – 6 – 9“, но и задолжувањата кои од ВМРО-ДПМНЕ ги оценуваат како преголеми и погубни

„Немаме никаков раст на БДП и сме единствена земја во Европа која за 2017 година не забележа економски раст. Државата после долг период не бележи раст и тоа е само поради неспособноста на актуелната влда. Имаме пад во градежништвото од 48 отсто, нема нови инвестиции и нови работни места, нема покачување на плати и пензии“, се вели во образложението.

Наместо реформи во правосудството, опозицијата препознала политички реваншизам со уцени и притисоци, мислејќи на уапсените пратеници. Обвинуваат дека МВР прикрива убиства, а како дамка на ова министерство ги припишуваат случајот со нападнатата полицајка од страна на Бекир Асани и набавката на 45 возила.

Најголем број критики се испратени до министерката за труд и социјала, Мила Царовска. Се критикува образование, транспорт и врски, здравство, земјоделие, националната програма на министерството за култура, но и договорот со Бугарија и процесот на решавање на спорот со името.

„Владата на РМ нема никаква стратегија ниту градење на државен консензус во однос на спорот со Грција и прашањето со името. Без никакви консултации со опозицијата и на нетранспарентен начин се одвиваат преговорите со името“, пишува опозициската партија.

„Единствени проекти коишто ги спроведе Владата на СДСМ и ДУИ во изминатиов период се нагло партизирање на институциите и нивно деградирање, заробено судство, луксузирање на владините функционери со парите на граѓаните и политички реваншизам“, стои во дел од образложението на опозициската партија во барањето за покренување на прашањето за доверба на Владата“, потпишано од 41 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува дека СДСМ и ДУИ за да ја одржат коалицијата ја погазиле демократијата во државата, Уставот, законите и собранискиот Деловник. Дека на сила го изгласале Законот за јазиците, не спровеле ниту една реформа од „Планот 3-6-9“, кој според опозициската партија, доживеал целосен колапс.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, преку СМС-пораки им потврдил на колегите-пратеници дека во среда ќе биде расправата по прашањето за доверба на Владата. Документот во неделата беше доставен во Собранието од страна на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, исто така, во неделата изјави дека очекува Собранието да ѝ изгласа недоверба на Владата и да се организираат предвремени парламентарни избори.

„Се надевам дека среда ќе биде денот кога ние ќе можеме да ги аргументираме нашите позиции. Така е и според Деловникот во Собранието. Очекувам на крај на денот да се изгласа недоверба на Владата и да можеме натаму да видиме како ќе ја развиваме Република Македонија, да организираме предвремени парламентарни избори и сѐ што оди со тоа“, рече Мицкоски.

Според собранискиот Деловник, гласањето за недоверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба. За евентуално изгласување недоверба потребно е апсолутно мнозинство, односно 61 глас од вкупниот број пратеници.

Гласањето за недоверба ќе биде прв посериозен тест за Владата и за премиерот Зоран Заев по десет месеци минати на власт. Интерпелацијата доаѓа во момент кога се привршуваат последните подготовки за првата реконструкција на кабинетот и се водат преговори со неколку партии за окрупнување на парламентарното мнозинство.