Објавено писмото на Кенеди за „советската закана“ за Дедо Мраз

Историографот Мајкл Бешлос го објави на својот микроблог на Twitter писмото на 35-от американски претседател Џон Фицџералд Кенеди до девојченцето по име Мишел во коешто ја теши поради заканата за Дедо Мраз од поранешниот Советски сојуз.

„Мила Мишел, со радост го добив твоето писмо за потребата да се спречат Русите да го помбардираат Северниот пол, што претставува закана за животот на Дедо Мраз.

Ја споделувам твојата загриженост поради атмосферските тестирања на Советскиот сојуз, не само во однос на Северниот пол, туку и за сите луѓе.

Како и да е, не треба да се вознемируваш за Дедо Мраз. Јас вчера зборував со него, и тој се чувствува одлично. Тој повторно ќе лета околу целиот свет“, му порачува Кенеди на девојчето.

Писмото е датирано во октомври 1961 година, кога односите меѓу двете нуклеарни суперсили преживуваа тежок период.