Објавено видео од салонот за патници на авионот што се урна во Мексико

366

На социјалните мрежи во средата се појави видео направено од еден од патници во авионот кој доживеа хаварија во мексиканскиот град Дурнаго, во којашто за среќа немаше жртви.

На снимката се забележува како авионот забрзува на пистата додека врне дожд, но веднаш откако ќе се одлепи од земјата започнува да паѓа.

Авионот од типот „Embraer 190“ на мексиканската воздухопловна компанија „Аeromexico“ со 99 патници и четворица членови на екипажот на летот од Дуранго кон Сиудад де Мехико се урна ноќта кон средата по македонско време во текот на полетувањето. Во несреќата нема загинати, а поголемиот дел од повредените веќе се отпуштени од болниците. Пилотот е во тешка но стабилна состојба, соопшти министерството за здравство.

Според прелиминарните процени на властите, најверојатна причина за падот на авионот е силен налет на ветерот, што предизвикало нагло намалување на височината и удар во земјата со левото крило при што отпаднале два мотора. Некои од патниците во авионот сметаат дека тој бил веројатно погоден од молња.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.